Фон дер Лејен: Коронавирусот беше потценет, да не се користи зборот „војна“

од Nikola Popovski

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен призна дека политичарите го потценија степенот на опасност што го предизвикува пандемијата на коронавирус, во интервјуто објавено во средата во германски „Билд“.

„Мислам дека сите ние, кои не сме експерти, го потценивме коронавирусот на почетокот“, рече Урсула фон дер Лејен за весникот.

„Но, во меѓувреме, стана јасно дека станува збор за вирус со кој ќе се справуваме долго време“, додаде таа.

„Сфативме дека сите овие мерки, кои се чинеа драстични и драконски пред две или три недели, мораа да бидат донесени веднаш“, рече таа, потсетувајќи дека Европа во моментов е во фокусот на кризата.

Лидерите на земјите од ЕУ договорија 30-дневно ограничување за влез на нивните надворешни граници кон државјаните од трети земји.

„Ние сме подготвени да преземеме се што е потребно и нема да се двоумиме да преземеме додатни мерки  во склад со развојот на ситуацијата“, рече претседателката  Фон дер Лејен по видео-конференцијата.

„Нашиот непријател е вирусот и ние мора да сториме сè за да ги заштитиме нашите луѓе и нашите економии“, додаде таа.

Фон дер Лејен смета дека не треба да се користи терминот „војна“ против вирусот, како што рече францускиот претседател Емануел Макрон оваа недела.

„Лично, јас не би го користела зборот војна, но ја разбирам мотивацијата на францускиот претседател затоа што коронавирусот е загрижувачки противник“, рече шефот на ЕК.

Слични содржини