Фон дер Лејен: Путин годинава ги врати ужасите на војната во Европа

од Stefanija Kuzmanovska

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен изјави дека Европскиот ден на сеќавање на жртвите на сите тоталитарни и авторитарни режими оваа година се одбележува во контекст на војната на Путин против Украина.

– Болното сеќавање од минатото не е само далечно сеќавање, туку најде ехо во нелегалната и неоправдана војна на Русија против Украина – рече Фон дер Лејен по повод Европскиот ден на сеќавање на жртвите на сите тоталитарни и авторитарни режими, а кој се одбележува на 23 август.

Европскиот ден на сеќавање на жртвите на тоталитарните и авторитарните режими беше воведен по препораките на Европскиот парламент, кој во 2008 година ја усвои Декларацијата со која 23 август го прогласи за Европски ден на сеќавање на жртвите на сталинизмот и нацизмот, а беше потврден од точка 15 од Резолуцијата на Европскиот парламент за европската совест и за тоталитаризмот од 2 април 2009 година.

Претседателката на Комисијата додава дека денеска Украинците ги даваат своите животи за да ги заштитат вредностите на кои е изградена Унијата.

-Денес, повеќе од кога било, стоиме обединети против руската државна пропаганда која ја искривува историјата, шири заговори и ги казнува оние кои ѝ се спротивставуваат. Одлучно ќе продолжиме да се бориме против дезинформациите. И ќе се погрижиме да не бидат заборавени оние кои се спротивставија на тоталитаризмот – нагласи Фон дер Лејен.

Слични содржини