ФОТО: Учениците со предлози до владата како да се подобрат политиките за децата

од Aleksandar Todeski

Премиерот Зоран Заев и дел од министрите на средба со децата ги слушнаа нивните идеи по повод Светскиот ден на детето, на настанот во владата наречен „За децата од децата“. Освен владините претставници, идеите на децата за подобри политики ги слушна и европскиот амбасадор Самуел Жбогар, кој рече дека „Европската куќа“ е отворена специјално за децата да учат, да креираат, но првентствено за да го кренат својот глас.

Патриција Ди Џовани, претставникот на УНИЦЕФ во С. Македонија рече дека по 13 години правата не се сменети, а децата имаат различни барања. Денешниот ден, како што рече таа е посветен да се слушне детскиот глас.

Претставникот на Младинскиот образовен форум истакна дека децата кои се во владината сала се обраќаат во име на сите ученици од државата.

Стефан Митиќ, ученикот ги праша министрите и премиерот како дошле на настанот, нагласувајќи дека тој дошол со велосипед за да го намали загадувањето. Вели, неговиот мал придонес е ништо за разлика од сите оние кои доаѓаат со автомобили.

„Има институции кои се греат на мазут. Имаме позитивен пример во Струмица, односно греење на гас. Треба итно да се примени тоа низ целата држава. Не е воопшто лесно да се дојде до информациите колку е загадено“, рече Митиќ.

Ученичката Михалеа Трајковска истакна дека таа имала дилема дали да продолжи во државата или да замине во држава која нуди подобри услови.

„Оваа дилема ја имаат повеќе ученици, свесни за условите кои ги нуди земјава. Иако се вложува труд и невработеноста се намалува, сепак таа кај младите е голема. Ако ја отвориме страницата за Агенцијата за вработување, ќе видиме дека не се бара високо образование, туку средна стручна спрема. Ние младите тоа не го забележуваме и ги избегнуваме стручните училиште. Треба да има во секој град барем по еден кариерен центар. Сите ние мислиме дека е лошо да се оди во стручно училиште и гледаме да се запишеме на факултет, што е навистина погрешно. Мора да се подобри квалитетот на средните стручни училишта. Многу луѓе работат на места каде не се бара високо образование. Сето тоа води до иселувањето на младите, кои се исклучиво интелигентни и би придонеле во развојот на државата. Државата губи од 150 до 300 милиони со тоа што ги губи младите“, рече Трајковска.

Бисера Шегманова им порача на владините претставници дека поминало долго време откако тие биле во средните училишта, па затоа им ги предочува проблемите со квалитетот во образованието, почнувајќи од состојбата со објектот, тоалетите и технологиите во образованието.

„Се соочуваме со проблемот со самите учебници, кои недостасуваат. Во просек на еден ученик му недостасуваат по 2 до 3 учебници. Учебниците не соодвествуваат со реалноста во која живееме. Во просек заостануваме по 4 години за разлика од учениците во другите земји“, исткана ученичката.

Средношколецот Лука Патиќевиќ, потсети на врсничкото насилство кое се случува во училиштата и ги потсети властите дека државата треба да ги преземе сите мерки за да ги заштити децата од сите видови на насилство.

„Децата се уплашени да зборуваат пред училишните психолози, бидејќи на нив се гледа како казна. Важен фактор се и професорите, но ние не им веруваме на професорите. Потребно е да се изгради довербата и подобрувањето на комуникацијата“, рече тој и нагласи дека треба секој ученик да може да си закаже анонимна середба со училишниот психолог.

Министерката за правда, Рената Дескоска истакна дека поентите на младите се одлични, но рече, ќе се осврне за дел од прашањата за врсничко насилство.

„По завршување на мојот мандат во образование, каде ја согледав потребата дека треба да ја зајакнеме и правната рамка за да се спречи насилството, така што во декември 2018 година го изменивме Кривичниот законик, па така покрај физичкото, како насилство врз деца се подразбира и психичко, врсничко насилство, како и насилство на интернет“, рече Дескоска.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска нагласи дека сите аргументи се издржани.

„Ако го преземете светот на еден ден, сигурна сум дека светот ќе го направите подобро место за живеење. Ние правиме многу за да го промениме начинот на кој што гледаме кон децата. Гледам амбиција и желба за проемна преку ова што го зборувавте, а тоа ми е најбитно. Сигурна сум дека во иднина ќе успеете да ја постигнете промената која сакате да ја видите. Имаме повеќе работи преземено за да ја вратиме вашата доверба во институциите“, вели Царовска.

Министерот за здравство, Венко Филипче ја поздрави идејата за една ваква средба.

„Ако тоа не беше така претходно, оваа влада покажа инклузивност, сите да учествуваат во градење на политики. Оваа влада презема мерки во секој сектор за младите да ги задржи во земјата. Во здравството инвестиравме навистина многу. Најдобрата инвестиција во младите се вакцините, а сега имаме модерни вакцини, немаме веќе од оние кои се поврзани со несакани дејства“, рече Филипче.

Државниот секретар во Министерството за образование и наука, Енвер Хусејин рече дека младите се во право за сите критики за образованието, но и дека сега се преземаат активности со цел да се подобри ситуацијата, но и дека сите нивни идеи се забележуваат.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини истакна дека ќе ги поправат сите мерни станици за загадувањето, како и дека се преземаат мерки за борбата со загадувањето. Им порача на учениците дека тие се иднината, како и дека власта ги поддржува младите.

„Бидете гласни, станете, вие сте иднината“, рече Нуредини.

Пратеничката Ивана Туфегџиќ рече дека сите адресирани критики се дел од Законот за младите и нивното учество во креирањето политики.

„Ова што денеска се случува овде треба да е нашата нормалност, не само настан кој одбележува 30 години од конценцијата за детето. Ова помага при мерките, при адресирање на прашањата кои се однесуваат на младите. Затоа законот го креиравме со консензус. Мислам дека најпрво е важно да се сослушуваме кога зборуваме, а ако се сослушуваме, полесно е да креираме успешни политики“, истакна пратеничката.

 

А.Т.

Фото: Локално

Слични содржини