Франција ѝ помага на Сирија со 12 милиони евра

од Nikola Popovski

Француските власти соопштија дека ќе одвојат 12 милиони евра за итна помош за сириското население погодено од земјотресот, јавуваат медиумите.

Помошта ќе биде дистрибуирана преку невладините организации и ОН до сите области погодени од земјотресот, изјави портпаролот на француското Министерство за надворешни работи Франсоа Делма, додавајќи дека тоа не го менува политичкиот однос на Франција кон власта на сирискиот претседател Башар ал Асад.

Од 12 милиони евра помош, пет милиони ќе бидат распределени преку Хуманитарниот фонд на ОН за прекугранична помош.

Пет милиони евра ќе бидат испратени преку француски и меѓународни невладини организации, кои парите ќе ги искористат за вонредни акции во областа на здравството, засолништето, водата, хигиената, рехабилитацијата и безбедноста на храната.

Останатите два милиони евра ќе бидат за итна помош во храна.

Делма потсети дека од почетокот на војната во Сирија во 2011 година, хуманитарната помош во голема мера беше финансирана од Европската унија и нејзините земји-членки и дека оттогаш се испратени повеќе од 27 милијарди евра помош.

– Сепак, нашата политичка позиција не се менува. За разлика од Асад, ние го поддржуваме народот. Нашиот пристап е јасен и добро познат. Само политичкиот процес дефиниран со резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на ОН може да доведе до излез од кризата – изјавил францускиот функционер.

Во Турција, каде што беше епицентарот на земјотресот, Франција ќе испрати „во следните неколку часа 50.000 вакцини против дифтерија и тетанус за погоденото население“, додал Делма.

Франција ќе ги поддржи и „напорите на Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина во износ од 500.000 евра“.

Во серијата земјотреси што во понеделникот ги погодија Турција и Сирија, според последниот биланс на жртви на властите на тие две земји, загинаа повеќе од 17.500 луѓе.

Фото: Profimedia

Слични содржини