Францускиот Сенат ја усвои контроверзната реформа на пензискиот систем предложена од Макрон

од Nikola Popovski

Францускиот Сенат доцна навечер во саботата ја усвои контроверзната реформа на пензискиот систем на земјата со 195 гласови „за“ и 112 „против“.

Тоа значи дека владиниот предлог за зголемување на старосната граница за пензија од 62 на 64 години е на само уште еден чекор од станување закон.

Жерар Ларше, претседател на францускиот Сенат, порача дека овој закон има рекорден број на амандмани.

„Дојдовме до крајот на оваа многу густа дебата во која сите зборуваа. Од четврток, 2 март, непрекинато седевме десет дена и речиси исто толку ноќи, вкупно повеќе од 100 часа. Евидентиравме рекорден број амандмани и под-амандмани: вкупно 8.900“, рече тој по синоќешното гласање.

Текстот сега мора да биде усогласен на заедничката комисија во среда, 15 март.

Францускиот сенат гласаше за одобрување на длабоко непопуларната пензиска реформа, неколку часа откако демонстрантите повторно излегоа на улиците за да се спротивстават на политиките на вториот претседателски мандат на Емануел Макрон.

Меѓутоа, ако владата на Макрон не успее да го собере потребното мнозинство, ретко користената и многу контроверзна уставна алатка, позната како член 49/3, може да се повика за да се протурка законот без гласање.

Гласањето дојде неколку часа откако стотици илјади луѓе протестираа на ширум земјата, иако во многу помал број од очекуваното, пишува Гардијан.

Слични содржини