Франција ги зајакнува безбедносните мерки по нападот во Ница

од Stefanija Kuzmanovska

По стравот и вознемиреноста предизвикани од нападот на џихадистите во црква во Ница, Франција ги повика своите граѓани кои живеат во странство да бидат претпазливи и да го засилат надзорот на нивната територија, богослужбените места и училиштата.

„Непосредна опасност од напад (највисоко ниво во францускиот план за безбедност) беше упатена до сите наши граѓани во странство минатата вечер, каде и да беа, бидејќи заканата е насекаде“, рече во петокот францускиот министер за надворешни работи Жан-Ивес Ле Дријан по седницата на Советот за одбрана со кој претседаваше Емануел Макрон.

„Не сме во војна со религијата, туку со идеологијата, исламистичката идеологија“, рече министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин.

Советот за одбрана, кој се состана во петокот, потврди дека заклучно со понеделник, префектите ќе имаат на располагање 7.000 припадници на полициските сили, од кои половина се од составот на жандармеријата, за да ја осигураат безбедноста, рече Дарманин.

Безбедносните мерки во близина на христијанските верски места ќе бидат „засилени“ викендов, по повод католичкиот празник Сите Светци на 1 ноември. Училиштата исто така ќе бидат под посебна заштита, а наставата ќе започне во понеделник по празникот, објави агенцијата АФП.

Ница беше завиена во тага во четвртокот по убиството на три лица во црква, четири години по исламистичкиот напад на 14 јули 2016 година, во кој беа убиени 86 лица во тој град на Азурниот брег.

Слични содржини