Франција го обвини Бајден дека и забил нож во грбот: „Потсетува на Трамп“

од Vladimir Zorba

Франција во четвртокот го обвини американскиот претседател Џо Бајден дека ја прободел со нож во грбот и се однесувал како неговиот претходник Доналд Трамп, откако Париз беше исфрлен од профитабилниот одбранбен договор за купување на подморници, што го потпиша со Австралија.

САД, Велика Британија и Австралија соопштија дека ќе воспостават безбедносно партнерство за индо-пацифичкиот регион, што ќе и овозможи на Австралија да набави американски нуклеарни подморници и да го раскине договорот за купување подморници со Франција, вреден 40 милијарди долари.

„Оваа брутална, еднострана и непредвидлива одлука многу ме потсетува на она што го направи Трамп“, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан за радиото „Франсинфо“. „Лут сум и огорчен. Тоа не го прават сојузниците“.

Во 2016 година, Австралија ја избра француската бродоградба „Навал груп“ да изгради нова подморска флота од 40 милијарди долари за да ја замени подморницата „Колинс“ стара повеќе од две децении.

Пред две недели, австралиските министри за одбрана и надворешни работи го потврдија договорот со Франција, а францускиот претседател Емануел Макрон ја пофали децениската соработка на двете земји за време на состанокот со австралискиот премиер Скот Морисон во јуни.

„Тоа е нож во грбот. Воспоставивме однос на доверба со Австралија и таа доверба е предадена “, рече Ле Дриан.

„Ова е гром и за многумина во Париз момент споредлив со Трафалгар“, сподели на Твитер Бруно Тертреис, заменик директор на париската аналитичка група на Фондацијата за стратешки истражувања, осврнувајќи се на поразот на француската морнарица во 1805 година во Битката кај Трафалгар, по што Британија стана доминантна поморска сила.

Тој додаде дека тоа „ќе ја комплицира трансатлантската соработка во и околу регионот. Пекинг ќе има корист “.

Бајден во средата рече дека Франција останува „клучен партнер во индо-пацифичката зона“.

Морисон рече дека Австралија со нетрпение очекува продолжување на „блиската и позитивна“ соработка со Франција. „Франција е клучен пријател и партнер на Австралија во индо-пацифичкиот регион“, рече тој.

Слични содржини