Франција ќе се заложи за санкции на ЕУ против Турција

од Stefanija Kuzmanovska

Франција ќе се заложи за санкции на европско ниво против Турција во светло на тензиите меѓу Европската унија (ЕУ) и Анкара за неколку спорни прашања, изјави денеска францускиот државен секретар за европски прашања Клеман Бон.

„Ќе се заложиме за силна европска реакција и мерки, вклучително и санкции како можно оружје“, рече Бон во обраќањето пред горниот дом на францускиот парламент.

Според него, последната во низата реакции на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, кој го навреди францускиот колега Емануел Макрон, е дел од целокупната стратегија што Турција ја користи за општи провокации.

Ердоган повика на бојкот на француските производи во понеделникот, неколку дена откако Париз го врати својот амбасадор во Анкара затоа што турскиот претседател изрази сомнеж „за менталното здравје на Макрон“.

Турција го критикува Макрон за поддршката на слободата за објавување карикатури за муслиманскиот пророк Мухамед на комеморацијата на Самуел Пати, наставникот по историја кој беше убиен од исламист на 16 октомври, бидејќи им покажал карикатури од Мухамед на неговите ученици на час за слобода на изразување.

Слични содржини