Франција крева голем број ограничувања и врши притисок за отворање на границите на ЕУ

од Stefanija Kuzmanovska

Француската влада објави дека, благодарение на слабеењето на ширењето на коронавирусот, ќе укине голем број ограничувања наметнати поради пандемијата од 2 јуни, и вети дека наскоро ќе ги отвори внатрешните граници на ЕУ.


Франција е за повторно отворање на внатрешните граници на ЕУ на 15 јуни, без воведување 14-дневен карантин за патниците поради коронавирусот, рече премиерот Едуард Филип, претставувајќи ја втората фаза на олеснување на ограничувањата.

„Ќе примениме реципроцитет ако некои земји воведат карантин за Французите“, додаде тој.

Што се однесува до надворешните граници на ЕУ, Париз и нејзините партнери ќе ја проценат ситуацијата на 15 јуни и „одлуката ќе биде донесена колективно“, рече Филип.

Тој најави дека ограничувањата за движење за француските граѓани во радиус од 100 километри од местото на живеење ќе бидат укинати во Франција на 2 јуни, и истакна: „Конечно, слободата повторно ќе стане правило, а забраната ќе биде исклучок“.

После два и пол месеци затворање, како резултат на епидемијата на 2 јуни, ќе се отворат барови, кафулиња и ресторани со одредени ограничувања: максимум десет лица на маса во сите ресторани во Франција, додека само градините и терасите ќе можат да се отворат во Париз. Исто така, најавено е дека музеи и обележја ќе бидат отворени на целата територија, вклучително и Париз, исто така на 2 јуни, но од посетителите ќе се бара да носат маски.

Собирањето на јавни места ќе биде ограничено на максимум десет лица.

„Вирусот е сè уште присутен на различни нивоа низ целата територија. Брзината на неговото ширење е под контрола во оваа фаза“, рече премиерот, повикувајќи ги Французите да бидат внимателни и одговорни.

Мерките ќе бидат преиспитани на 22 јуни за третата фаза на олеснување на ограничувањата.

Слични содржини