Франција нема да го соопшти својот став за поддршка на Македонија пред самитот во Брисел

од desk2

Дипломатскиот притисок врз Франција да не го блокира пристапувањето на Македонија во ЕУ и во НАТО се уште не дава конкретни резултати. Дипломатски извори велат дека конечниот став ќе го соопшти претседателот Макрон до крајот на наредната недела, всушност, на состанокот на шефовите на држави и владите на земјите членки на Унијата во Брисел.

Синоќа, на веб-страницата на Стејт Департмент беше објавено дека државниот секретар на САД, Мајк Помпео, побарал од францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив ле Дриан, да ја поддржи поканата од НАТО за приклучување на Македонија, како и за отворање претпристапни преговори за членство во ЕУ.

Универзитетскиот професор и поранешен амбасадор Нано Ружин вели дека Европската унија се соочува со многу сопствени проблеми, пред се поврзани со мигрантската криза и дека тоа може да го маргинализира успехот на Заев и Ципрас. Со оглед на силното меѓународно лобирање за охрабрување на нашата земја, неговите проценки за добивање датум за преговори нареднава недела се 50:50.

Утре, грчкиот министер за надворешни, Никос Коѕијас, ќе испрати писма во ЕУ и во НАТО и ќе потврди дека Грција нема да се противи на интеграциите на Македонија. Тоа е исполнување на нивниот дел од договорените обврски.

Пред Самитот на НАТО предвиден за јули, министерката за одбрана Радмила Шеќеринска испрати писма до земјите-членки на НАТО со барање поддршка.

„Ви пишувам по постигнувањето договор околу спорот за името со Грција. Оваа пречка за нашата евроатлантска интеграција е отстранета. Ја барам вашата поддршка Македонија да добие покана за полноправно членство во НАТО на претстојниот самит“ напиша Радмила Шеќеринска, министер за одбрана.

Паралелно со дипломатските активности, продолжуваат напорите за исполнување на нашите обврски од договорот. Нареднава недела се очекува избор на новиот состав на ДИК, кој ќе треба да го спроведе референдумот планиран за втората половина на септември. Ќе биде распишан најмалку 60 дена претходно, што значи, кон средината на јули./Libertas

Слични содржини