Франција: Украина во ЕУ за 15 до 20 години

од Nikola Popovski

Веројатно ќе бидат потребни 15 или 20 години за Украина да влезе во Европската унија, изјави денеска францускиот министер за европски прашања Клемент Боне и препорача Киев во меѓувреме да се приклучи на европската политичка заедница, како што предложи францускиот претседател Еманел Макрон.

-Треба да бидеме искрени. Ако кажеме дека Украина ќе влезе во Европската унија за шест месеци, година или две, се лажеме, тоа не е точно. Тоа е поверојатно за 15 или 20 години, што е многу долг период, изјави Боне за „Радио Ј“, пренесува „Хина“.

Тој посочил дека не сака да се продаваат илузии и лаги на Украинците, бидејќи ако им се каже „добредојдовте во ЕУ, но не сте ги прочитале ситните букви на дното на договорот, со кои пишува за 15 години“, целата генерација Украинци ќе биде разочарана.

Според него, европската политичка заедница е комплементарна на ЕУ и може да понуди политички и конкретен проект на земјите кои не се во срцето на Унијата, но сакаат да се доближат до неа.

Тоа не значи дека вратата е затворена, напротив, таа е отворена, вели Боне, посочувајќи на предностите како што се „слободното движење во Европа“ и „делумните придобивки од европскиот буџет за реконструкција“ на Украина, или можеби заеднички енергетската политика.

Слични содржини