Француските енергетски компании повикаа на штедење

од Vladimir Zorba

Директорите на големите француски енергетски компании ги повикаа поединците и компаниите веднаш да ја ограничат потрошувачката на енергија, со цел да се подготват за енергетската криза која се наѕира.

„Треба да работиме колективно за да ги намалиме нашите трошоци, за да го вратиме просторот за маневрирање“, велат извршните директори на Engie, EDF и Total во отвореното писмо објавено од Journal du dimanche.

Во писмото се зборува за остар пад на испораките на руски гас, како и за ограниченото производство на електрична енергија поради проблеми со одржувањето, пренесе Ројтерс.

Франција има за цел да ги наполни своите складишта за гас до почетокот на есента, изјави претходно премиерката Елизабет Борн.

Магацините за гас во земјата во моментов се полни 59 отсто.

Француските медиуми во март објавија дека владата преговара со TotalEnergies за зголемување на капацитетот на течен природен гас (LNG), откако Соединетите Држави објавија дека се подготвени да ги зголемат испораките за Европа.

„Преземањето активности ова лето ќе ни овозможи подобро да се подготвиме за почетокот на следната зима, особено за зачувување на нашите резерви на гас“, се вели во писмото на менаџерите на енергетските компании.

Се додава дека напорите за ограничување на трошењето треба да следат веднаш и да бидат „колективни и масивни“.

Тие, исто така, ги наведоа сопствените напори да најдат нови извори на гас и да изградат пловечки терминал за течен природен гас (LNG) во пристаништето Авр, на северот на Франција.

Слични содржини