Фриленсерите бараат економска „инекција“ поради Корона вирусот

од Ивана Рамаданова

Новонстанатата состојбата со Корона вирусот во моментов е причина кога голем број на разнни дејности се соочуваат со криза во своето работење. Токму поради таа причина Владата подготиви првични пакет мерки за најзагрозените сектори, како туризмот, угостителството и транспортот, со цел полесно справување со последиците од настанатата состојба поради Корона вирусот.

Според најавата, многу скоро на бизнисот ќе му биде на располагање директна финансиска поддршка од 5,7 милиони преку Развојната банка на Република Северна Македонија.

Но што се случува со оние кои работат независно, односно не се во постојан и редовен работен однос, немаат работно место, а сепак плаќаат придонеси.

Новинарката и авторка, Ана Јовковска веќе подолго време работи и заработува како фриленсер. Таа смета дека поради новонастанатата ситуација со Корона вирусот, фриленсерите не успеале да добијат хонорари дури и за проекти што се речиси целосно сработени.

„Дали некој ќе ги земе фриленсерите предвид? 0 денари на мојата сметка за месец март, април и мај, а денес штотуку ми откажаа и три работни ангажмани кои требаше да се реализираат на почеток на јуни, бидејќи уште сега ќе се подготвуваа со гости од странство… Откажани ми се сите културни настани, книжени фестивали, филмски дебати, разни социјални проекти, промоции, обуки… Најмалку што сакам е да кукам, но ова го пишувам затоа што во слична ситуација се многу луѓе… Не успеваме да добиеме хонорари дури и за проекти што ни се речиси целосно сработени, само затоа што се откажале некои завршни настани. Каква економска инекција може да помогне на сите кои сме во ваква ситуација? Фриленсерите немаат привилегии, ни синдикати, ни комори што ги штитат!“, вели Јовковска.

Македонскиот музичар и чен на групата “Фолтин“, Бранислав Николов вели дека е за еднаков третман на сите граѓани дури трае кризата.

„Јас имам статус на слободен уметник. Министерството ми плаќа придонеси. Сега веќе од почеток на март и не знам до кога сите ангажмани се откажани. Јас сум за еднаков третман на сите граѓани дури е кризата. Минимална плата за сите, за најосновните потреби. Не е време ни за печалење, а од друга страна, освен за одлагање на исплата на ратите од кредитите, не е ниту пак ни за редовна наплата за струја, тел, интернет и други трошоци. Капиталистите тешко се даваат ама мора да победи солидарноста“, вели Николов.

Според него, фриленсерите се погодени како и сите други.

„Најголемата штета не е на џебот. Верувам секому е подеднакво тешка изолацијата. Работата го прави човека. Не работиме само за леб, работиме и да се оствариме. Работата е во природата на човекот…

Ми фалат луѓе, ми фалат гужви, ми фали слободата на движење. Ми фали да го спуштам товарот на загриженоста и да ја почувствувам пролетта, со сите сетила“, додава Николов.

Економкиот експерт и поранешен советник во министерството за финансии, Бранимир Јовановиќ, вели дека фриленсерите и хонорарците се едни од најзагрозените работници и не случајно се нарекуваат прекаријат (на англиски, прецариоус = несигурен).

„Многу од нив ќе бидат погодени од кризава и ќе останат без примања, со таа разлика што тие, за разлика од редовно вработените, немаат ни здравствено, ни пензиско, ни осигурување во случај на невработеност. Затоа, сметам дека Владата мора да обезбеди некаква поддршка за надминување на кризава и за нив“, вели Јовановиќ.

Конкретно, гледајќи ги мерките кои беа најавени од страна на Заев, според Јовановиќ, тие би можеле да се стават или во групата работници кои останале без работа поради кризата (и би добивале надомест од 50% од нивните просечни примања за последните 24 месеци), или во групата со самостојните уметници (и би добивале минимална плата за април и мај, плус придонеси).

“Исто така, сметам дека овие случувања сега треба да ги поттикнат одговорните институции да размислат и за трајно решение за фриленсерите/хонорарците, односно, да се предвиди и тие да имаат социјално осигурување (невработеност, здравство, пензии) исто како и другите работници. Ова особено затоа што ваквите форми на вработување само ќе растат во иднина“, додава Јовановиќ.

Во Република Северна Македонија се повеќе млади луѓе работат и заработуваат како  фриленсери. Според некои проценки, Македонија е меѓу земјите со најмногу фриленсери по глава на жител.

Фриленсерите ги има најмногу во Србија, каде што согласно анализата има 3,52 фриленсери на 1.000 жители, а веднаш потоа следи Македонија со 3,41 фриленсери на 1.000 жители.

И.Р.

Слични содржини