Фудбалската асоцијација на САД ги поддржа жените во Иран, за Владата на Иран тоа е провокација

од Nikola Popovski

Соединетите Американски Држави во вторник ќе се сретнат со Иран во натпреварот од третото коло од групната фаза на Светското првенство, а Фудбалската асоцијација на САД ги поддржа играчите на Иран и целиот народ во оваа земја во пресрет на овој натпревар.

Можеби најмоќната приказна од Мундијалот е создадена на самиот почеток на првиот натпревар кој Иран го одигра во Катар. Фудбалерите на оваа земја не ја пееја националната химна, а објаснија зошто – тоа е нивен начин да им дадат поддршка на своите сонародници и да укажат на проблемите во нивната земја.

Некои од навивачите негодуваа и исвиркуваа за време на интонирањето на националната химна, додека други ги држеа натписите „Жена, живот, слобода“. Селекторот на Иран, Карлос Кеирош изјави дека неговите играчи се слободни да протестираат.

По смртта во притвор на Махса Амини, откако беше уапсена од државната полиција во Техеран за наводно кршење на исламскиот кодекс на облекување, започнаа протести кои се проширија низ Иран. Активистите за човекови права тврдат дека во меѓувреме за време на протестите биле убиени 400 луѓе, а уште 16.800 биле уапсени. Иранските власти тврдат дека споменатите протести се всушност бунт што го започнале странските непријатели на државата.

Во вториот натпревар иранските фудбалери ја пееја националната химна, а на трибините им се придружија навивачите, од кои многумина беа во солзи.

Фудбалската асоцијација на САД на своите социјални мрежи накратко објави слика од иранското знаме без истакнатиот амблем на Исламската Република и на тој начин им изрази поддршка на фудбалерите кои се борат за своите сонародници.

Иранската влада го сфати ова како провокација и ги обвини САД дека го бришат Божјото име од знамето.

Од ФА САД велат дека на овој начин сакале само да ги поддржат жените во Иран и фудбалерите на оваа земја, но во неделата по 24 часа знамето без обележја било заменето со официјалното знаме на Иран.

Слични содржини