ГАЛЕРИЈА: Некогаш нефункционалната тераса на ГТЦ стана дом на 3.656 дрвја

од Aleksandar Todeski

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, амбасадорката на УНДП во С. Македонија, Нарине Сахакјан и директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски официјално го пуштија во употреба зелениот кров, каде граѓаните во работното време на Трговскиот центар ќе можат да се забавуваат. Градоначалникот Шилегов рече дека се одлучиле иститот да може да се посетува само во работно време со цел да не биде вандализиран, но и додаде дека би сакал и останатиот дел од кровот на ГТЦ да се претвори во нешто слично.

„По неколкумесечна работа, заеднички ангажман со ГТЦ, во соработка со УНДП за отпорен град, го ставаме во употреба зелениот кров. Се надевам дека тука ќе се направат убави спомени. Мојата идеја беше да му дадеме нова додадена вредност на симболот по земјотресот, но и да овозможиме значително намалување на температурите во Малиот ринг. Очекувам дека овде на кровот, температурата ќе биде околу 16 степени помала отколку што била. Го враќаме зеленилото интензивно во Малиот ринг, каде во лудилото на проектот „Скопје 2014“ преку 70% беше исечено. Спремни сме да поддржиме други вакви иницијативи, немаме алтернатива во борбата за здрава, чиста животна средина“, рече Шилегов.

Амбасадорката на УНДП, Нарине Сахакјан рече дека со ова се решава „жешкиот остров“ ГТЦ, кој се покажал како таков при истражување спроведено од УНДП и Град Скопје.

„Пред неколку месеци тука заедно со градоначалникот и диркеоторт на ГТЦ најавивме изградба на зелен кров на ГТЦ. Денеска сум среќна што стоиме на зелениот кров кој изгледа прекрасно. Се надевам дека сите граѓани на Скопје ќе уживаат на него. Иницијативата не беше само за да се креира убаво место, туку имаше пошироко значење. Анализата за „жешки урбани острови“ покажа дека ГТЦ е такво место и разликата помеѓу кровот на ГТЦ и плоштадот изнесува 9 степени. Сега, зелениот кров ќе помогне да се намали оваа температурна разлика. Зелениот кров претставува дом на 3.656 дрвја и друго зеленило. Сега има над 600 различни видови дрва и друго зеленило“, рече таа.

Според директорот на ГТЦ, освен зелениот покрив, се санира и долгогодишен проблем на Трговскиот, бидејќи терасата не била санирана со децении.

„Ќе почнам со зборовите на Влатко Илиевски, „Леле луѓе што направивме“. Направивме убаво катче кое што целокупната јавност ќе дојде и ќе ужива овде. ГТЦ доби многу, од еден нефункционален простор со големи проблеми, многу спорови, тераса на која се нема интервенирано преку 30 години, направивме нешто. Ја повикувам јавноста да дојде, да види и да ужива во просторот“, рече Трајчевски.

А.Т. 

Фото: Борче Поповски

Слични содржини