Ганц: Израел е подготвен да го нападне Иран

од Vladimir Zorba

Израелскиот министер за одбрана, Бени Ганц во четвртокот предупреди дека неговата земја е подготвена да го нападне Иран, објавувајќи ја за закана Исламската република по нападот со беспилотни летала на нафтен танкер, за кој неговата земја го обвини Техеран.

Коментарите на Ганц доаѓаат во време кога Израел лобира во Обединетите нации за акција поради минатонеделниот напад на нафтениот танкер „Мерсер Стрит“ во кој загинаа две лица. Танкерот, кој беше нападнат крај брегот на Оман во Арапското Море, е во сопственост на израелски милијардер.

САД и Велика Британија, исто така, го обвинија Иран за нападот, но ниту една од тие земји не понуди докази или разузнавачки податоци за да ги поддржи нивните тврдења. Иран, кој, заедно со своите сојузнички регионални милиции, изврши слични напади со беспилотни летала, негираше каква било вмешаност.

Говорејќи за веб-страницата „Ynet“, Ганц одговори на прашањето дали Израел е подготвен да го нападне Иран со гласно „да“.

– Дојдовме до точка кога треба да започнеме воена акција против Иран. Светот треба веднаш да преземе акција против Иран, рече тој.

Иран не одговори веднаш на коментарите на Ганч. Во вчерашното писмо до Советот за безбедност на ОН, иранскиот претставник во Њујорк го обвини Израел дека е „водечки извор на нестабилност и несигурност на Блискиот Исток и пошироко повеќе од седум децении“.

– Тој режим (Израел) има долга историја на напади врз комерцијални и цивилни бродови. За помалку од две години, режимот нападна повеќе од десетина трговски бродови што превезуваа нафта и хуманитарни добра наменети за Сирија, пишува Захра Ершади.

Коментарите на Ершади се однесуваат на актуелната војна во сенка што се води во водите на Блискиот Исток од 2019 година, за време на која и иранските и бродовите поврзани со Западот беа нападнати подеднакво.

Слични содржини