Гаши не ѝ верува на Антикорупциска: Немаат стекнат кредибилитет

од Nikola Popovski

Нормално е да одбраниме човек што го знаеме и што мислиме дека работел чесно. Сепак, јас не сум направил никаков притисок врз Антикорупциската комисија, вели лидерот на Алтернатива, Африм Гаши во гостувањето на емисијата „Вин-вин“.

Гаши потенцира дека многу граѓани не ѝ веруваат на Антикорупциската комисија.

-Политичката култура е таква во државата во овие 30 години. Додека сме на ниво на институции кои се бираат на политички начин и го немаат стекнатиот кредибилитет, не можеме да им веруваме. Би сакал да стекнам доверба во институциите, додаде претседателот и пратеник на Алтернатива.

ДКСК поднесе иницијатива до Јавното Обвинителство за поднесување кривична пријава против Хусни Исмаили од Алтернатива поради злоупотреба на службената положба и овластување за време додека бил министер за култура. Постои сомневање дека тој ја злоупотребил службената положба и овластувања и го оштетил буџетот на државата во постизборен период, во време кога немало Влада и во услови на ребаланс на буџетот.

– Каков било обид за ставање на работата и одлучувањето на ДКСК во дневнополитички интереси и изјави може само да штети на напорите за спречување и борба против корупцијата во целина. Со ваквите изјави не само што се прави обид да се наштети и дискредитира работењето на ДКСК, туку се прави обид и за влијание врз другите органи и институции што треба понатаму да ги проследат нејзините иницијативи и препораки, што е спротивно и на укажувањата на последните извештаи за напредокот од страна на Европската комисија во однос на ДКСК, како и неодамнешните заклучоци од Советот за општи работи на ЕУ дека треба да се почитуваат препораките од Државната комисија за спречување на корупцијата, соопшти пред неполн месец Антикорупциската комисија.

Исмаили е предлог на Алтернатива за нов потпретседател на Собранието.

Слични содржини