Гаши: Треба што побргу да се одржат предвремени избори

од Vladimir Zorba

Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши смета дека по негативната одлука за старт на преговори за влез во Европската Унија, треба што побргу да се одржат предвремени парламентарни избори, кои според него, ќе го потврдат ставот на граѓаните за своите посакувани претставници.

„По одлуката на Европската Унија на Северна Македонија да не и се даде датум за започнување на преговори за членство во ЕУ, а со тоа упатувајќи порака дека вратите за европска интеграција на земјата се затвараат, денеска се состана Централното претседателство на Алтернатива и констатираше дека за нас згаснува еден повод поради кој ние станавме дел од оваа влада. Да напоменеме дека ние станавме дел од мнозинството и на извршната власт токму поради евроатлантската интеграција“, рече Гаши.

Тој додаде дека како партија дале придонес во процесот за членство во НАТО, но фактот што другата врата на интеграцијата на државата е пред сериозна пречка, е доволен повод земјата да оди на неопходни предвремени избори.

„И покрај одлуката на ЕУ за одбивање, независно од тоа дали ќе бидеме дел од ЕУ или не, остануваме посветени во градење на правна, развиена и типична европска држава. А во духот на платформата „Наше огниште“, за нас не поважно од интеграцијата е токму благосостојбата, правдата и развојот. Алтернатива смета дека веќе е крајно време нашите граѓани да сфатат дека доброто не доаѓа од надвор, туку треба да се произведе внатре во нас и за наше добро“, истакна Гаши.

Слични содржини