Гацов: Потребна е рекалкулација на буџетот за 2022 поради лошите минатогодишни економски резултати

од Vladimir Zorba

Поразителните бројки во однос на ланскиот пад на економијата  кои ги објави Заводот за статистика отворија дилема дали добро се темелени макроекономските проекции за буџетот за следната година.

За даночниот советник Павле Гацов, нема двојба дека во вакви услови е потребно одредено рекалкулирање, бидејќи како што изјави тој за „Локално“, надолната корекција на економскиот раст од 4,6 на 6,1 % покажува дека 2020 сме поминале многу полошо на економски план.

„Корекцијата подразбира дека некои параметри од буџетот за 2022 г. треба да се рекалкулираат бидејќи се се мери во однос на БДП, објаснува Гацов.

Осврнувајќи се на досегашната пракса, тој оценува дека буџетот останува главно политички инструмент, а политичарите единствено  заинтересирани за ефекти на краток рок – да добијат испорака на видливи ефекти за време на својот мандат.

За остварување на ваквата цел потребно е остварување на двоцифрен раст на приходите, кои пак во актуелните услови се недоволни за планираните расходи. Затоа решението е во задолжувањето и одлагање на моментот на раздолжување по долгови направени од минати политички структури“, категоричен е Гацов.

Како нереални ги оценува плановите на Владата најмногу пари да собере од ДДВ или 140 милиони евра повеќе од 2021 год. и тоа пред се поради  актуелната стапка на раст на инфлацијата од близу 4%, потоа извесното јулско (2022 година) зголемување на стапката на ДДВ на електричната енергија од 5% на 10%, укинувањето на неоданочивоста на прометот од донирање за целите на справување со COVID-от и извесното зголемување на прагот за регистрација за целите на ДДВ од 2 на 3 милиони денари.

„Сепак, затегнувањето на фискалната дисциплина и борбата со сивата економија и со корупцијата е скриениот адут за остварување на планираниот раст на приходите од ДДВ“, заклучува Гацов.

Заводот за статистика објави дека падот на економијата лани бил многу подлабок од очекуваното.Токму оваа надолна корекција на БДП од 4,6 на 6,1 % ја отвора дилемата дали добро се темелени макроекономските проекции за буџетот за следната година?

-Надолната корекција на економскиот раст за речиси 35% де факто покажува дека  годината на економски план сме ја завршиле полошо од што претходно мислевме. Корекцијата што ја направи Заводот на статистика подразбира најмалку да се направи корекција за пресметката на јавниот долг, како и корекции на индикаторите кај кои БДП преставува именител во пресметката.

Кои се според Вас спорните ставки во Буџетот и дали вака креираната државна каса реално ги отсликува потребите и можностите во услови на енергетска криза , пандемија, инфлација..?

-Буџетот е главно политички инструмент, а политичарите се интересираат за ефекти на краток рок – да добијат испорака на видливи ефекти за време на својот мандат. За остварување на ваквата цел потребно е остварување на двоцифрен раст на приходите, кои пак во актуелните услови се недоволни за планираните расходи. Затоа решението е во задолжувањето и одлагање на моментот на раздолжување по долгови направени од минати политички структури. Заради планираниот дефицит, во 2022 г. предвидено е зголемување на долгот за нови 33.529 милиони денари. Повторно како во 2019 год., планираните капитални расходи за 2022 год. (37.821 денари) се повисоки од нето задолжувањето за следната година.

Реализацијата на буџетираните капитални расходи со години наназад е под планот. Буџетските приходи за 2022 год. се планирани повисоко за 7,4% во однос на 2021, односно за 26% повисоко од остварените во 2020 год. Кај расходите планираниот раст во однос на 2021 год. изнесува 1,4% а во однос на 2020 год. растот изнесува 11,9%. Значајно намалување на сивата економија и на корупцијата ќе овозможи полесно прибирање на буџетски приходи во 2022 год. Дигитализацијата и демонетизацијата значително ќе ја олесни борбата против сивата економија. Дигитализацијата и борбата против сивата економија се процеси кои можат да ја поместат статус кво позицијата на државата во делот на модернизирање на државата и засилување на владеењето на правото.

Основен проблем останува задолжувањето?

-Нееластичната структура на буџетските расходи и амбициозните капитални расходи (кои по правило не се исполнуваат) е главната причина за планирање на повисок раст на буџетските приходи и потребата од дефицитно финансирање, односно задолжување. Речиси секоја година задолжувањето е поголемо од достасаните обврски по стари задолжувања (домашни и странски). Веќе одамна во јавните финансии е маргинализирана традиционална методологија на буџетирање, односно утврдување на расходите, според планираните приходи. Имено, за било каква набавка, добавувачите се интересираат за тоа колкав буџет (приходи) имате за да ви понудат добра / услуги (расходи) во рамките на вашиот буџет.

Според ваквата традиционална методологија на буџетирање, прво ги планирате приходите и според нивната висина ги приоритизирате расходите, односно ги избирате најефективните и општествено најпотребните. Еднакво важно е евенталното задолжување  да се користи само за инвестициони набавки кои би донеле повисок раст на БДП во однос на трошоците (каматата) на задолжувањето. Исто така е важно секое ново задолжување да не го надминува повратот на стариот долг, а трошоците на новиот долг да бидат помали од старите трошоци.

Претходното е од сегментот теорија на јавните финансии, за разлика од праксата каде работите не одат токму по овој редослед.

Во буџетот за 2022 год. Владата планира најмногу пари да собере од ДДВ или 140 милиони евра повеке од 2021. Дали е возможен ваков раст на даноците ако се знае дека ДДВ се планира да порасне 14 %, данокот на добивка 2,6 %, данокот на личен доход 1,25 %?

-Да го погледаме окружувањето: актуелната стапка на раст на инфлацијата е близу 4%, потоа извесното јулско (2022 година) зголемување на стапката на ДДВ на електричната енергија од 5% на 10%, укинувањето на неоданочивоста на прометот од донирање за целите на справување со COVID-от и извесното зголемување на прагот за регистрација за целите на ДДВ од 2 на 3 милиони денари. Сите претходни параметри не се доволни за реализација на планираната повисока наплата на ДДВ. Најавено е и декемвриско доуредување на Законот за ДДВ кој може да создаде системска предност за наплата на повисоки приходи од ДДВ. Сепак, затегнувањето на фискалната дисциплина и борбата со сивата економија и со корупцијата е скриениот адут за остварување на планираниот раст на приходите од ДДВ.

Каков е Вашиот став во однос на  проекциите за растот на приходите по основ на данок на личен доход, данок на добивка и  од социјални придонеси?

-За 2022 год. планиран е раст на приходите од ДЛД од само 1,3%. Планот се чини е непотребно песимистички ако навистина се изврши зголемување на минималната плата од која се наплатува данок на личен доход и ако се има предвид дека следната 2023 год. повторно се враќа прогресивното оданочување, поради што во 2022 год. приходите по основ на дивиденди, договори на дело, закупнини и слично, значително ќе пораснат во обид да се превенира прогресивното оданочување. Овде потсетуваме на неисполнето ветување дадено во Владината програма за намалување на стапката на данокот на личен доход за ИТ услугите. Во однос на данокот на добивка, за 2022 год. планиран е раст на приходите од овој данок од ниски 2,6%. Со оглед дека 2021 беше подобра од 2020 год., извесно е дека компаниите ќе искажат подобри резултати од 2020 год. Имено резултатот од 2021 год. ја формира основицата за плаќање на овој данок во 2022 год. Исто така за 2021 беше вратен стариот праг за даночно ослободување од 5 на 3 милиони денари, што е услов за плаќање повеќе данок на добивка, односно поголем данок на вкупен приход.

Што се однесува до социјалните придонеси за 2022 год. планиран е раст на приходите од 7,5%. Остварувањето на овој раст може да биде под притисок на неостварување заради истекување на мерката за субвенционирање на придонесите за зголемените плати од 600 до 6.000 денари, која завршува во октомври 2022 год. Со престанувањето на оваа мерка ќе се престанат и расходите на државата за трансфер на социјалните придонеси кон соодветните фондови по основ на мерката. Евентуалното намалување на просечната плата по овој основ ќе влијае на помали приходи од данок на личен доход.

Расходите се чини остануваат слаба точка. Има ли можности за нивно контролирање?

-Се чини дека на страната на расходите има простор за контрола и разумно намалување. Најголемо зголемување на расходите е предвидено во делот ДДВ дотации до ЕЛС (раст за 21,1%), во функција на зголеменото издвојување на ДДВ во корист на единиците на локалната самоуправа. Интересни за анализа се платите на вработените во регулаторни тела и другите нивни трошења иако поголем дел од овие тела се надвор од централниот Буџет.

Илустрација: Просечната бруто плата на 10-те вработени во Регулаторната комисија за домување изнесува 70.000 денари. Бруто платата на 5-те вработените во Советот за унапредување и надзор на ревизијата од 44.593 денари за 2019 (8 вработени) во 2021/2022 год. изнесува 100.000 ден. (65.000 нето плата). За споредба планираната просечна бруто плата за 36 вработени во Уставниот суд за 2022 год. изнесува 106.667 ден.

К.В.С.

Слични содржини