Гацов: Субвенционирањето на придонесите ќе го спречи потенцијалниот одлив на македонски работници во земјите на „Отворен Балкан“ или во ЕУ

од Берта Китинска

Даночниот екперт Павле Гацов е дециден дека Владата не само што треба да продолжи да ги субвенционира придонесите за социјално осигурување по основ на зголемување на платата, туку дека треба и да го зголеми овој износ.

“Предлагаме видоизменување на законското решение и ново зголемување на субвенционирањето на зголемените нето плати за 6000, односно 9000 денари, односно субвенционирање на социјалните придонеси за зголемени плати од 1000 денари до 6000, односно 9000 денари месечно по работник’’, изјави Гацов за Локално.

Според него, ваквото решение треба да го замени сегашното кое истекува на 31 Октомври. Суштината на неговиот алтернативен предлог е следна:

Како референтна основна плата ( плата која ќе биде граничен износ од кој ќе се субвенционираат социјалните придонеси за зголемувањето на нето платата во однос на новиот граничен износ, односно нова референтна основна плата, почнувајќи од месец Ноември 2022 година во период од нови 36 месеци) да се земе просечната месечна нето плата исплатена за последните 3 месеци пред исплатата на платата за месец Ноември.

Ваквиот предлог тој го поткрепува со голем број бенефити кои се од суштинска важност за економската политика на државата.

“На овој начин повторно со помош на државата ќе се поттикне зголемувањето на нето платите кај субјектите кои сакаат и можат да исплатат зголемени плати, како една од мерките за задржување на квалификуваниот кадар во земјата. Ќе влијае и врз лимитирањето на потенцијалниот одлив на македонски работници кои би имале интерес да работат во соседните земји во рамки на мерките за прекугранично вработување на Отворен Балкан, односно заминувањето во земјите од Европската Унија’’, вели Гацов.

Во оваа насока предупредува на сите ризици доколку престане примената на актуелниот закон за субвенционирање на социјалните придонеси: Работодавачите не се обврзани да ги задржат работниците за чии зголемени плати користеле субвенционирање на социјалните придонеси, немаат обврска да го задржат бројот на вработени кој го имале на почетокот на примената на субвенционирањето, да ја задржат просечната или поединечната плата во истата висина со зголемената плата и сл., односно можат да прават промени во оваа област по истекот на периодот на примена на законот, согласно со своите потреби и финансиски можности.

Затоа, според Гацов, предложената нова мерка содржи два услова за остварување/задржување на правото на субвенционирање на социјалните придонеси од плати: Одржување на новата висина на просечната плата по работник кај работодавачот ( со дозволени исклучоци по неколку основи )и Задржување на бројот на вработени кај работодавачот за период двојно подолг од периодот за кој се користи субвенционирањето на социјалните придонеси.

Во насока на агрументите во прилог на продолжувањето и надградувањето на актуелното решение Гацов ги посочува и поголемите приходи од данок на личен доход во буџетот од една страна и трансфер на средства од буџетот кон социјалните фондови од друга. Оттука, економската логика е следна:

Расходите од буџетот по овој основ се пренесуваат во ист кумулативен износ како приходи на фондовите за социјално осигурување, во насока на нивно докапитализирање (финансирање). На овој начин, вели Гацов, се анулира ефектот од расходите од централниот буџет со приходите во социјалните фондови.

К.В.С.

Слични содржини