„Gavi“: Ширењето на „омикрон“ е показател за неправедната дистрибуција на вакцините во светот

од Vladimir Zorba

„Gavi Vaccine Alliance“, меѓународна асоцијација која промовира прифатлива и правична вакцинација во светот, оцени дека појавата на новата варијанта на коронавирус „омикрон“ е показател за недостатокот на вакцини во многу делови од светот.

„Сè додека голем дел од светската популација е невакцинирана, вирусот може да мутира, продолжувајќи ја пандемијата“, рече шефот на „Gavi“ Сет Беркли во саботата во Женева.

„Ќе можеме да спречиме појава на варијанти само ако ги заштитиме сите во светот, а не само богатите“, додаде тој.

„Омикрон“ првпат беше откриен во ноември во Јужна Африка, каде стапката на целосно вакцинирани возрасни е помала од 36 проценти.

Во Европската унија, за споредба, 77 отсто од возрасните се целосно вакцинирани против коронавирус.

„Gavi“, партнерство на јавни и приватни донатори, се обидува да ги заштити луѓето во посиромашните земји од болести кои можат да се спречат.

Тој, исто така, ја води меѓународната иницијатива „Covax“ за дистрибуција на вакцини против Ковид-19 во посиромашните земји.

„Covax“ се надеваше дека ќе испорача 2 милијарди дози оваа година, но досега постигна само околу четвртина од својата цел.

„Омикрон“ е класифициран од Светската здравствена организација (СЗО) како „загрижувачка варијанта“.

Европскиот центар за контрола на болести изрази сериозна загриженост дека варијантата „омикрон“ може значително да ја намали ефикасноста на достапните вакцини и да го зголеми ризикот од повторна инфекција.

Како одговор на веста, земјите-членки на ЕУ се согласија да забранат патнички летови од седум јужноафрикански земји за да го ограничат ширењето на новата, потенцијално поопасна варијанта на коронавирусот.

Овие земји се Боцвана, Лесото, Мозамбик, Намибија, Зимбабве, Јужна Африка и Свазиленд.

Британија, која исто така откри случаи на „омикрон“, ги забрани летовите од тие земји.

Белгија во петокот го потврди првиот случај на таа варијанта на коронавирус во ЕУ.

Холандските здравствени власти ги повикаа сите што пристигнале во Холандија од Јужна Африка од минатиот понеделник веднаш да се тестираат за Ковид-19.

Слични содржини