Гавриловски, режисер на наградуваниот „Јавачи на коњи“: Последните години се навистина значајни за македонскиот филм

од Elena Daskalova

Филмот „Јавачи на коњи“ е реализиран во 2017 година, според сценарио на Никола Кузелов, во режија на Марјан Гавриловски.

Во интервју за Локално.мк, токму Гавриловски ни открива важни детали од работата околу снимањето на самиот филм, како и тоа колку последните неколку години направија значајна разлика кога е во прашање квалитетот на македонската кинематографија. „Јавачи на коњи“ доби многу значајни филмски награди, но Гавриловски вели дека не може да издвои една, бидејќи секоја од нив значи дека некој го вреднува вложениот труд.

Со какви предизвици се соочувал тој и екипата за време на снимањето, но и детали за следниот проект кој ќе го работи повторно со Кузелов, прочитајте во интервјуто:

Локално: „Јавачи на коњи“ постигна голем интернационален успех. Дали на некој начин тоа беше изненадување, со оглед на ограничениот буџет за неговата реализација?

Да бидам искрен, да. Самата реализација на филмот беше изненадување дури и за нас, а особено за луѓето околу нас и нашите колеги. Многу често знаат да ме прашаат како сум успеал да го истуркам до крај филмот покрај сите препреки и без никаква поддршка. Кога веруваш во нешто без никаква резерва, не постои начин, а да не го исполниш тоа, што до некаде е и самата тема на филмот. Па затоа мислам дека наградите и признанијата дојдоа како логична последица на нашата верба и труд.

Локално: Во последните неколку години голем број македонски филмови буквално ги собираат сите значајни награди. Колку тоа ги мотивира младите сценаристи и режисери да вложуваат време и пари во своите нови проекти?

Овие години се навистина значајни за македонската кинематографија. Се направија квалитетни филмови кои обработуваат правилни теми во правилно време или пак, по игра на случајноста, вистинските луѓе добија шанса да направат филм. Како и да е, ме радува туѓиот успех, особено кога се работи за македонски филм. Јас се надевам дека оваа ситуација ќе мотивира млади креативци, но се плашам дека истите ќе наидат на затворени врати кога ќе им треба поддршка од домашна страна, што кај нас е честа ситуација.

Локално: Дали државата финансиски ги поддржува овие проекти, кои дефинитивно ја афирмираат Македонија на европско и светско ниво?

Државата поддржува одредени проекти и актуелниот успех на неколкуте домашни филмови е факт. Но, јас заслугата би ја дал максимално на луѓето кои ги направиле филмовите, а не на државата бидејќи ако рецептот за успех лежеше во агенцијата за филм, тогаш треба да се запрашаме што се случуваше со децении пред овој период на издигнување на нашата кинематографија и што се случува во последниве години, бидејќи филмовите кои моментално собираат признанија се финансирани и работени пред неколку години.

Локално: „Јавачи на коњи“ спаѓа во жанрот инди-филм, кој е многу редок на македонската филмска сцена. Дали тоа беше предизвик за вас, како режисер, да се пласира таков продукт во Македонија?

Огромен предизвик. Филмот за мене е пасија, јас во филмската работа не гледам слава или заработка, едноставно тоа е страст која те води кон замислената цел, да ја видиш својата визија на големото платно. „Јавачи на коњи“ е, ако не се лажам првиот независен филм во Македонија. Тоа за мене е гордост само по себе. Во последниве години има колеги кои се охрабруваат и ние на нашата филмска сцена веќе имаме неколку независни филмови. Тоа ме радува, но од друга страна не би сакал да премине во секојдневие на филмаџиите бидејќи во секој случај е ограничување. Најверојатно се работи за период кој филмската индустрија во нашата земја мора да го помине, а тоа дава слика и за филмските работници и за државата во која творат.

Локално: Дали би можеле да издвоите една награда од многуте, која ви е особено значајна и на која сте горди?

Не би можел бидејќи секоја награда ми е под еднакво драга. Убаво е чувството кога некој го вреднува твојот труд. Мотивира.

Локално: Би ни откриле ли некој детаљ за следниот филмски проект на кој работите?

Се работи за социјална комедија „Те dua, жими мене“. Би можел да кажам дека ова е продукциски поголем филм од „Јавачи на коњи“, веројатно логичен чекор напред. Повтроно станува збор за независен филм по сценарио на Никола Кузелов. Темата е доста провокативна и социјално ангажирана кон повеќе аспекти на нашето општество. Во филмот ќе се појават повеќе млади и неколку докажани и еминентни актерски имиња.

Подготви: Е.Д.

Слични содржини