ГДУ: Реформи за помалку часови, преполовени паралелки и платежно мотивирани наставници

од Aleksandar Petrovski

Помалку часови, помали паралелки и специјализирана настава според потребите на младите таленти, ова е насоката на Граѓанско Демократската Унија (ГДУ) која се залага за реформирање на македонското образование според германскиот модел.

„Со постојната настава создаваме кадри кои тешко можат да бидат конкурентни на идниот европски пазар, каде со членството се стреми Македонија. Предлагаме реформи да избегнеме да креираме иднина која во рамките на европското семејство ќе биде подолу на скалилата на работната сила. Сметаме дека македонското образование треба да биде по германскиот модел – малку часови, малку ученици на час, со малку и точно специјализирани предмети за да ги развиваме талентите на нашите деца. Крајно време е да имплементираме систем во образованието какви што постојат во Словенија, Германија, Австрија, Холандија…“, објаснува претседателот на ГДУ, Петар Колев.

Според Колев младите умови во денешницата се преоптоварени со предмети и многубројни часови кои не им помагаат да ги извлечат и покажат талентите кои ги поседуваат. Намалувањето на бројот на часови ќе влијае да се подобри нивната концентрација на часовите, да се ослободи простор за креативно изразување на децата и вклучување во спортови што ќе помогне да растеме и здрави поколенија.

„Промените што ги предлагаме предвидуваат мерки да ги мотивираме наставниците да се посветат на децата и да ги насочуваат во насоката каде покажуваат интерес. Наставниците треба да имаат поголема автономија во реализација на наставната програма. Но, најважната мотивација треба да биде повисоката плати, односно плата која ќе биде на ниво повисоко од републичкиот просек. Наставникот да добива соодветни обуки за предметите што ги предава, се разбира со цел да го надгради знаењето и умешноста да ги мотивира и децата да учат. Не треба обуките да бидат бројка која надлежното Министерство ја бара за да се штиклира во некој бирократски формулар. Таквото образование не дава квалитет“, дообјаснува Колев.

ГДУ верува дека ни требаат млaди и образовани кадри кои ќе работат во интерес на македонското општество и во Парламентот ќе се заложи тоа да се случи. Системот да запре со секој ребаланс на националниот Буџет и првите кратења да ги книжи во образованието. Наместо тоа да се градат нови училишта, современи и опремени со технологија и платени и мотивирани наставници кои ќе креираат способни умови за развој на Македонија. Во министерствата да се формираат и работат Научно Истражувачки Центри, по примерот на европските држави, чии производи потоа може да бидат сопственост на самото министерство, да бидат понудени на пазарот или да бидат интелектуална сопственост на самите автори.

Процесот на „дебирократизација“ според ГДУ може да почне уште следнава учебна година,се наведува во соопштението од ГДУ.

Слични содржини