ГДУ: Со поддршката на нашите кандидати ќе дадете придонес за развој на демократијата во Македонија

од Vladimir Zorba

Граѓанско Демократската Унија (ГДУ), на денешната трибина „Разговор под дрвото“, уште еднаш ги претстави стожерите на својата изборна програма пред присутните граѓани во Охрид. Основата врз која се поставени клучните реформи е коренита промена на нефункционалниот систем во кој живееме. Кандидатите на овие избори се мотивирани да предизвикаат промена во општеството преку личен пример за да создадеме иднина во која нашите деца ќе одберат да живеат дома, во Македонија.

„Целта на ГДУ е да се обидеме да ја смениме политиката и пристапот кон политиката во Македонија, заедно со млади кандидати за во Парламентот. Идејата е да покажеме поинакви морални вредности од оние кои владеат во политиката. Се надеваме на поддршката на охриѓани и сакам да ги повикам сите граѓани да гласаат за оваа опција. Да дадат придонес кон развојот на демократијата на Македонија и кон развојот на една слободна мисла преку пратеничките места на ГДУ во парламентот“, изјави поранешниот амбасадор и професор на Универзитетот за применети науки Берлин, Германија, Горан Рафајловски.

Значајна политичка реформа за која ГДУ се залага е намалување на бројот на пратениците во Собранието на 90 членови, а во втора фаза и на 61 член. Како и намалување на бројот на членови во општинските совети и на град Скопје. Партијата се залага и за рационализација на Владата, бројот на министерства, агенциите и органите во нејзин состав во период од 12 месеци по формирање на новиот собраниски состав.

За политичките промени, кои во фокусот ги имаат изборните реформи Димо Петкоски, секретарот на ГДУ на трибината рече: „Нашата цел не е власта сама по себе. Нашата цел е фундаментална промена на општеството. Предлагаме изборните реформи за Македонија да добие функционално Собрание, да се воведат отворени изборни листи и земјава да биде една Изборна Единица. Со тоа ќе воведеме конкуренција меѓу политичките партии, како и прогресивен изборен цензус, додека кандидатите кои доаѓаат од граѓански, независни листи, да се квалификуваат без цензус. Предвидуваме и целосна професионализација на Државната Изборна Комисија. Овие измени може да се реализираат во период од една до три години. Неопходни се и уставни измени во поглед на изборот на судиите, нивниот мандат, воспоставување специјализирано судство во сите области, како и пресудите на Европскиот суд за човекови права (Стразбур) да станат задолжителен извор на правото во Македонија“.

ГДУ ќе иницира и промени во Кривичниот закон за да се санкционира незаконското работење на судиите, обвинителите, правните застапници и останатите службеници на Судот. Докажаната вина, освен со казна, треба да резултира и со трајна забрана за вршење дејност и губење на пензијата.

„Ова е последна шанса да ја смениме насоката на движење на економијата удоле. Во земјава има повеќе од 75.900 деловни субјекти и повеќето вработуваат од едно до девет лица. Поради кризата се соочуваат со ликвидност и за нас, оправдано е владината поддршка и мерките да бидат насочени кон нив. Македонија се врти во кругот на енормно зголемување на јавниот долг, континуирано креира сѐ поголем буџет а околу 40% од популацијата живее под прагот на сиромаштијата. За поттикнување на конкуренцијата и консолидација на обемот на јавната потрошувачка ГДУ предлага формирање фискален совет, намалување на вкупните зафаќања од бруто платата по основ на даноци и придонеси, намалување и целосно укинување на ставките за разни административни надоместоци, глоби, судски и административни такси и разни други владини услуги кои се товар за граѓаните, како и распределбата на приходите од персоналниот данок да бидат во однос 50:50 меѓу Централниот буџет и локалните власти. За овие мерки да дадат резултат потребно е законски да се ограничи Владата да мора да ги реализира капиталните инвестиции. Потребна е и поголема предвидливост, постојаност и транспарентност во јавните финансии. Потребна е поголема грижа од страна на државата за малиот и среден бизнис, особено за семејните бизнис кои во реалноста се носители на економскиот развој во државата“, рече Рафајловски.

ГДУ се залага и за намалување на ДДВ стапката од 18% на најмногу 12%, како и со една третина од вкупните приходи од ДДВ да се помогне финансирањето на општините. Во предлозите на ГДУ е и намалување на вкупните зафаќања од бруто платата, по основ на даноци и придонеси и намалување и целосно укинување на ставките за разни административни надоместоци, глоби, судски и административни такси и разни други владини услуги кои се само товар за граѓаните.

Сите овие мерки ќе им помогнат на општините да се грижат и да преземат одговорност за регионалните болници, но откако Владата прво ќе ги модернизира и целосно реновира.

„Во делот на екологија идната власт мора да примени т.н. „зелена транзиција“, да престане да размислува за нови рудници за јаглен за РЕК Битола и да формира Фонд за поддршка на транзицијата. Сопствениците на индивидуалните и колективните станбени објекти мора да имаат целосно право да располагаат со енергијата добиена од соларни панели според принципот – колку добил, толку користел“, дополни Рафајловски.

Образованието е еден од стожерите на кои ГДУ обраќа посебно внимание.

„Предлагаме подготовка на Национална Образовна Стратегија која нема да биде во сопственост на „оваа“ или „онаа“ влада, туку ќе претставува јавно добро. Еден од нашите приоритети е намалување на бројот на часови во основното и средното образование, следено со намалување на бројот на ученици во една паралелка. Уверени сме дека се неопходни неодложни промени во насока на автономија на наставниците во поглед на нивниот индивидуален пристап и реализација на наставата. Неодложно е и зголемување на платите за наставниците на ниво повисоко од републичкиот просек, додека обуките да бидат адекватни на предметите и наставните програми за кои се квалификувани да ги предаваат. Универзитетите мора да ја напуштат постојната летаргија и да се насочат кон промена на состојбата, додека во Министерствата треба да се формираат научно истражувачки центри чии производи може да бидат сопственост на самото министерство, да бидат понудени на пазарот или да бидат интелектуална сопственост на самите автори“, објасни Даниел Јордановски, носител на избирачката листа на ГДУ во ИЕ 5.

Надворешната политика и одржувањето на добрососедски односи е еден од приоритетите на ГДУ.

„Имаме јасна насока за поддршка на интеграцијата на Македонија во ЕУ и во НАТО. Затоа ГДУ го прифаќа Преспанскиот договор како таков и како една присилена неопходност за понатамошно трасирање на патот на Македонија во Северноатлантската алијанса. Во духот на партијата е негување на добрососедски односи со сите земји во опкружувањето и во таа смисла ќе се залагаме за подобрување и развој на пријателствата со соседните земја“, рече Александар Поповски, потпретседател на ГДУ.

Слични содржини