Георгиески: Одлучивме да повлечеме црвена линија и конечно да му ставиме крај на самоволието во Охридско-струшкиот регион

од Nikola Popovski

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески денеска на Прес-конференција ја информираше јавноста во врска со сите преземени мерки и активности во текот на изминатата година, во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО.

„Во текот на изминатата година покажавме вистинска грижа за она што е исклучително важно. Одлучивме да повлечеме црвена линија и конечно да му ставиме крај на самоволието и импровизациите во Охридско-струшкиот регион. Со сите мерки и активности кои ги презедовме и ги преземаме во текот на овој процес, ја запираме деградацијата во регионот и ги поставуваме параметрите за заштита и развој на еден долг рок“, вели Георгиески.

Градоначалникот уште еднаш потенцираше дека заложбите на локалната и централната власт за зачувување на светското природно и културно наследство на Охридскиот регион се сериозни и дека во иднина ќе продолжат да се имплементираат сите параметри за заштита, кои ќе овозможат современ развој на долг рок.

„Во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО, се работеше на сите нивоа на одлучување, на спроведување на мерки и носење на решенија, кои се консултирани со врвни експерти. Се радувам што како локална и централна власт имаме огромна поддршка од меѓународната заедница, од амбасадорите и од релевантни меѓународни институции во делот на спроведување на законите, владеење на правото и зачувување на светското наследство“, рече тој.

Тој изјави дека развитокот на туризмот не е во корелација со поставување на објекти на крајбрежјето од несоодветен материјали и навлегување во водите на најстарото езеро во Европа во кое живеат над 200 ендемски видови.

„Ние конечно започнавме да средуваме долгогодишен проблем и да надминуваме состојби, кои Охрид не ги заслужува. Мора на сите да ни стане јасно дека таков тип на урбанизација на крајбрежјето и во строго заштитените зони повеќе нема да има“, изјави Георгиески и дополни:

„Затоа, уште еднаш упатувам апел до јавноста да го поддржат целокупниот процес и заедно да покажеме дека имаме волја, имаме визија и план за да ги подобриме работите и да го зачуваме нашето непроценливо богатство за идните генерации.

Слични содржини