Герасимовски: Само 10 до 15 отсто се предмет на дооформување кај „Треска“

од Vladimir Zorba

Со повторното отворање на темата за градбите кај поранешна „Треска“, со градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, разговаравме за актуелните случувања, почитувањето на законите и заштитата на јавниот интерес во постапката, но и за реализираните проекти и идните планови на Општината за дополнително подобрување на условите за живот на нејзините жители.

Деновиве повторно се актуализираше темата со градбите предвидени на локацијата на поранешната фабрика „Треска“. „Шанса за Центар“ тврди дека на тој дел има 47% државно земјиште и дека истото се распродава. Кој е вашиот одговор во врска со ова?

Воопшто не е точно дека било какво државно земјиште се распродава или било како злоупотребува. За ова прашање, мораме пред сè да разграничиме за колкав процент всушност се работи кој е предмет на дооформување, што е законско право на сопствениците на земјиштето. Во јавноста циркулираат овие бројки од 47,16% кои се извадени од Стручниот елаборат за суспензија на применувањето на измена и дополнување на ДУП за дел од локалитет „Буњаковец 1“.

Меѓутоа, од наведените 47% државно земјиште, само околу 10% до 15% се предмет на дооформување, односно докупување од страна на сопствениците согласно актуелниот план. Таа постапка е законска обврска на општината поради тоа што се наоѓаат во рамки на градежни парцели оформени со ДУП-от. Останатите 37% се наоѓаат под површини планирани за јавна намена, како што се улици, тротоари, пешачки патеки, блоковско зеленило и не се предмет на отуѓување по ниеден основ и Општина Центар нема да дозволи дооформување на ова земјиште. Истите и понатаму остануваат во државна сопственост и остануваат за јавна намена, без апсолутно никаква можност за градба на овие површини.

Начинот на кој се презентира целата состојба во јавност од страна на „Шанса за Центар“ е манипулативен и неточен. Најголем дел од парцелите се во над 90% приватна сопственост, а само 10% бараат дополнително дооформување што ќе се прави согласно закон. Тука нема никакво распродавање, туку легална законска постапка која Општината е должна да ја прави на секоја парцела каде се гради.

Се отвора и прашањето зошто идејните решенија од конкурсот спроведен од претходната локална администрација не се јавно презентирани. Не сметате ли дека јавноста заслужува да ги погледне овие решенија предвидени на атрактивно земјиште на централна локација, пред да се донесе конечна одлука за градба?

Не е точно дека овие идејни решенија не биле достапни за јавноста. Беа објавени и на нашата веб-страница, а и сè уште се достапни во интернет просторот, како на пример на страницата на „Македонска архитектура“ (https://marh.mk/izvestaj/), заедно со нивна визуелизација, како и целосниот извештај на жири комисијата за избор на идејно решение.

Меѓутоа во однос на јавната презентација, морам повторно да нагласам дека овие идејни решенија не може да бидат предмет на јавна презентација затоа што не се финални проекти. Тие се само идеи или предлози за нешто што би можело да биде изградено на посочената локација. По преземањето на функцијата градоначалник веднаш направив широка консултација со службите и правниот сектор околу овие решенија и нивната применливост. Согласно овие разговори, конкурсот бил распишан на барање на претходниот Совет без да се провери дали очекуваните конкурсни решенија е законски можно да бидат целосно вградени во идни плански документи. За реализација на конкурсните решенија никако не смееме да го исклучиме фактот дека мора да се усогласат како со имотно правната сопственост, така и со важечките законски прописи и ДУП. Овде имаме ситуација каде предложените решенија воопшто не кореспондираат ниту со сопственоста, ниту пак идејните решенија кореспондираат со актуелниот ДУП.

Во суштина, ќе се направи обид да се искористи максимум од идејните решенија, но не може да се применат во целост, односно во постапката за донесување ДУП Градска четврт З-11, локалитет Буњаковец 1 и Буњаковец 2 секако дека ќе се земат предвид конкурсните решенија, но крајното решение за овој опфат ќе се решава интегрално како дел од опфатот на целиот ДУП, а ќе зависи и од останатата законска регулатива која имаме обврска да ја почитуваме, како и параметрите од ГУП на Град Скопје.

Воедно, како што е евидентно и во самиот извештај, сите три понудени идејни решенија на конкурсот не соодветствуваат со зададените параметри, при што дури и прворангираното идејно решение ја надминува дозволената катност за 3 ката (предвидува комбинирана катност од четири и осум ката); второрангираното предвидува станбени блокови со шест ката и станбени кули со дури седумнаесет ката, а пак во треторангираното предвиден е вертикален елемент – кула од 71 метар со намена хотел. Наспроти ова, на опфатот „Треска“ ДУП-от предвидува максимална катност од приземје плус 5 ката, или максимална висина од 16 метри. Иако висината не е единствениот параметар кој се гледа урбанистички, сепак понудените конкурсните решенија излегуваат од важечката регулатива и истите понудени како идеи, може да се користат само во делови.

Што вие како градоначалник барате од градежниците за овој простор и како ќе го заштитите јавниот интерес кај поранешна „Треска“?

Јас уште во предизборниот период зборував дека ќе се залагам за хуман урбанизам и тоа навистина го спроведувам. Во „Треска“ бараме изградба на објекти од јавен интерес како градинка, но и многу зеленило. Без разлика што актуелниот ДУП од 2012 година предвидува само 5% зеленило, Општината има побарување просторот да се уреди согласно Законот за урбано зеленило кој предвидува задолжителен процент зеленило на градежна парцела од најмалку 20%.

Покрај почитување на законскиот минимум со обезбедување зеленило како партерно уредување, во тој опфат има и државно земјиште од околу 9000 м2 кое би сакале да се реализира во голем парк. Тоа е многу повеќе зеленило кое не е планирано со ДУП-от, а го надминува и законскиот минимум, што пак го потврдува фактот дека не се окупира целиот простор само за нови градби.

Јас постојано повторувам дека се залагаме за зелен Центар и сакаме нови и поголеми зелени површини во општината. Парковите и зелените површини не можеме целосно да ги направиме на приватни парцели, но силно ќе се залагаме за максимална реализација на нашите барања од страна на сопствениците.

Сопствениците се заканија со тужби од 50 милиони евра. Од „Шанса за Центар“ посочуваат дека ова е само празна закана, но во реалноста навистина може да се случи, па можно ли е општина да претрпи вакви штети? Што очекувате доколку работата остане „заглавена“?

Секако дека тужби се можни и формално-правно сопствениците имаат основа за тоа, но верувам дека до тоа нема да дојде. Општината во ниеден случај не може да се соочи со таков ризик, ние веќе имаме минати искуства каде општината плаќала огромни суми пари за слични спорови. Јас како градоначалник сметам дека е целосно неоправдано да се дозволи ваков исход.

Општината мора да ги почитува законски прописи и да работи во најдобар интерес на граѓаните и јас тоа го правам. За мене е навистина неразбирливо, зошто со години овој проблем не бил решен. Лично сметам и кажував пред изборите, дека мораториумот не беше соодветна алатка и начин да се решаваат урбанистичките проблеми во Центар, особено не мораториум кој остана на сила повеќе години. Исто така, „Шанса за Центар“ преку Јана Белчева можеше да најде решение со учество во решавање на овој проблем со што сè ова денес ќе се избегнеше, но таа додека претседаваше со Советот тоа не го направи.

Ќе го свикате ли Партиципативното тело и на заедничка маса ќе ги решите отворените прашања, верувам дека и граѓаните и медиумите би имале интерес за ваква дискусија?

Апсолутно, Општината од почетокот отворено настапува со сите засегнати страни и ние веќе ваков состанок имавме. На тој состанок беа изложени сите факти во однос на целиот случај и постапките кои се водат. Наскоро ќе свикаме нова средба на која повторно ќе разговараме, но јасно кажувам дека решение набрзо мора да има и тоа да значи конечно надминување на овие отворени прашања. Урбанизација на „Треска“ е нужна покрај другото затоа што таму во моментот е најголемата депонија во центарот на градот. Не е во ничиј интерес тоа да остане така.

Изминаа нешто повеќе од 100 дена од вашиот мандат. Што направивте досега како нов градоначалник на Општина Центар?

Најпрво се фокусирав на клучните проблеми кои ни ги посочија граѓаните во предизборниот период, а тоа е хигиената, сообраќајот и урбанизмот. Организиравме неколку големи акции за чистење, по повеќе од 10 години го исчистивме каналот на подножјето на Водно, ги ослободивме тротоарите кај пекарата „Силбо“, 50 Дивизија, Дане Крапчев, 487, Благој Давков, Димче Мирчев. Поставивме нова водоводна мрежа на ул. „Отон Жупанчиќ“ во Дебар Маало, ја завршуваме реконструкција на улицата „Дебарца“ и ул. „Црвена Вода“, и се продолжува со ул. „Партизанска“. Обезбедивме бесплатен паркинг за лицата со оштетен слух. Засадивме нови садници на улиците „Орце Николов“, и „Боемска“, и ги спроведуваме акциите чистење отпад од приватни имоти при што собравме 700 отпадни гуми зад хотелот „Вип“ во населбата Крњево. За пензионерите отворивме пензионерски клуб во Беверли Хилс. Во градинките обезбедивме 100 прочистувачи за воздух. Наскоро ја почнуваме и новата градинка во Пролет и изградбата на новите училници во училиштето „Коле Неделковски“ и да не ги набројувам сите. Навистина многу проекти кои ги бараа граѓаните. Општина Центар продолжува да работи во согласност на интересите и потребите за обезбедување подобри услови за центарци и продолжуваме да се залагаме за хуман урбанизам кој ги задоволува интересите на граѓаните.

Редакција Локално

Слични содржини