Герасимовски: Ве каниме сите во Парк на Франкофонија на заедничко дружење и дегустација на храна

од Nikola Popovski
481 прегледи

Во организација на Општина Центар утре, на 31 мај во Паркот на Франкофонијата во периодот од 17 до 19 часот ќе се одржи манифестацијата „Нож и виљушка на Европска чинија”. Општина Центар како домаќин на овој настан на посетителите ќе им понуди квалитетно после работно дружење, преку уникатно музичко и гастрономско доживување.  

Паркот на Франкофонијата ќе биде точка каде ќе се спојат домашните македонски производители и угостители кои подготвуваат автентична домашна храна и пијалаци,  еко производи, но и традиционални специјалитети од Австрија, Германија, Франција, Турција, Италија и други европски држави. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски ги повикува граѓаните да го посетат настанот и да уживаат во домашните и европски специјалитети.

„Ги повикувам граѓаните да не посетат и да дегустираат од домашните и европски традиционални јадења и пијалаци, но и да купат производи што можеби нема да  ги најдат во супермаркетите, а кои дома ќе можат да ги пробаат со своето семејство. Учесниците на настанот на креативно изложбени штандови ќе ги промовираат своите производи и специјалитети, а меѓу учесниците кои ќе се претстават се: Мелем од вкусови, Туф.мк, Моја бавча, Натурал 2020, Смидџин, Сакам пиво, Фајн Крафт ракија ‘ Вк, Нутрико, Натс, како и многу други изложувачи што ќе презентираат македонска и европска храна. На учесниците ќе им се придружи и Активот на жени од здружението на пензионери на Општина Центар, кои освен што ќе ги презентираат  специјалитетите од нашето поднебје, тие и на лице место со своите вешти раце на помладите генерации ќе им прикажат како се меси, плете и везе. Верувам дека оваа дружба ќе биде интересна за секој посетител”, порачува Герасимовски.

Музиката има уникатна сила и моќ да допре до душата, да инспирира и да ги зближи луѓето од  сите генерации. Центарци и сите љубители на добрата музика и храна ќе уживаат во специјално подготвена музичка програма во изведба на музичко дуо-слободни уметници, како и на  хорот „Елегија” при Здружението на пензионери на Центар со популарни македонски, англиски, француски и италијански безвременски мелодии, што имаат трајни вредности во македонската и светска музичка култура. На овој настан своја изведба ќе имаат и членовите на ансламблот  „Орце Николов” кои ќе се претстават со традиционалните македонски песни и игри.

Општина Центар ги поддржува малите екопроизводители кои ги промовираат своите производи и специјалитети, а целта на настанот е да поттикне дружење и забава во правец на негување на македонската гастрономска традиција, но и афирмирање на европската гастрономска култура.

Слични содржини