Герасимовски: Ветив и го одржувам зборот – нема да дозволиме градби, ниту ќе издаваме одобренија на проекти во Центар кои отстапуваат од законите

од Vladimir Zorba

Не се согласувам во тоа дека постои некаква „бетонизација“ во Општина Центар. Во минатото имаше обиди за интервенција преку тн. „мораториум“ на градби, кој Уставниот суд во два наврати го отфрли како неуставен. Од моето доаѓање до денес имаме издадено само 35 одобренија за градење, што е многу малку, во споредба со другите градоначалници. Станавме првата општина која на секои 6 месеци ќе дава извештај за тоа колку, каде и какви одобренија за градење имаме издадено. Во делот на урбанизмот, ветив и го одржувам зборот. Нема да дозволиме градби, ниту ќе издаваме одобренија на проекти кои отстапуваат од законите, изјави градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски во интервју за „Локално“.

Во однос на прашањето како до „позелен Центар“, градоначалникот истакнува дека зазеленувањето на Општината е една од програмските определби во предизборниот период, откако е разговарано со граѓаните и утврдено е кои се најкритични точки за зазеленување.

-Ја имаме и обврската за обврзани 30% зеленило во секоја градежна парцела во општината, се бориме со сите средства онаму каде што е можно да ги задржиме јавните зелени површини, да изведуваме нови локални маалски паркчиња. Мојата идеја е секаде каде што имаме можност да има зелена површина и паркчиња. Со истата динамика ќе продолжиме и понатаму, вели Герасимовски.

За тоа дали треба центарот да се направи пешачка зона, поради хаосот со сообраќајот, Градоначалникот посочи дека нивната намера е да посветат повеќе внимание на пешаците, да имаат простор родителите со колички да минуваат на тротоарите, да има повеќе простор за велосипедистите, пешаците…

-Имаме проекти кои ги планираме за наредната година, доколку се одвиваат според планираното, би требало многу наскоро да имаме видливи резултати, обзнани Герасимовски.

Во ноември наврши една година од кога ја преземавте Општина Центар. Што направивте за центарци во овој период?

– Изминатава година бевме посветени на проекти во сите области на општественото живеење. Го започнавме и првиот капитален проект, а тоа е изградба на прва градинка во населбата Пролет. Градинка која ќе реши повеќе децениски проблем на родителите кои ги носат децата на згрижување во соседните населби.

Имавме и инвестиции во предучилишните установи, поставивме прочистувачи за воздух во сите занимални и нано филтри на сите прозорци, обезбедивме офталмолошки прегледи на сите дечиња од најголемите групи кои ќе бидат идни првачиња. За социјално загрозените ученици пак обезбедивме бесплатни стоматолошки услуги, инвестиравме во набавување на смарт табли за сите училишта итн, реконструкција на неколку училници во ООУ Гоце Делчев и Димитар Миладинов, отворивме сензорни соби во ООУ Гоце Делчев и Ј.Х Песталоци, реконструиравме кујна во ООУ 11 Октомври и др.

Во првата година успеавме да реконструираме 17 улици во повеќе населби и обновивме неколку детски игралишта. Покрај проектите за младите имаме и проекти за највозрасните граѓани, пензионерите. Отворивме три пензионерски клуба во Беверли Хилс, Крњево и близу Универзална сала и успешно го спроведуваме проектот „Нега на стари лица во домашни услови“ во кој пензионерите добиваат нега во сопствените домови. Исто така ќе го спроведеме и проектот „Сервис за одмена на семејна грижа“ кој е наменет за 40 корисници над 62 години меѓу кои и оние со Алцхајмерова болест и деменција.

Би ги споменал и социјалните проекти преку кои доделуваме хуманитарни пакети со храна и хигиенски производи за згрижувачките и социјално загрозените семејства. Во однос на јавната хигиена, организиравме неколку големи акции за чистење низ неколку локации и во неколку наврати засадивме ново зеленило и поставивме урбана опрема во различни населби во општината. Работиме буквално во секоја сфера во локалната самоуправа и верувам дека следната година ќе ни биде уште побогата со проекти кои ќе го подобрат живеењето во Центар.

Едно од прашањата кои најмногу ги интересираат граѓаните е како до „позелен Центар“? Имате ли некоја замисла во оваа насока во вашиот мандат?

-Зазеленувањето на Центар беше една и од моите програмски определби во предизборниот период. Разговаравме со граѓаните и утврдивме кои ни се најкритични точки за зазеленување. Онаму каде имавме уништено зеленило, исушено, веднаш постапивме и тоа е тековна активност на службите. Редовно садиме нови садници на дрвја и нискостеблести растенија во сите делови во Центар. Пред само две недели го освеживме зеленилото со над 300 нови садници и вкупно, досега бројката изнесува над 1.000 нови садници на дрвја, нискостеблести и грмушести растенија за само една година. Ја имаме и обврската за обврзани 30% зеленило во секоја градежна парцела во општината, се бориме со сите средства онаму каде што е можно да ги задржиме јавните зелени површини, да изведуваме нови локални маалски паркчиња. Мојата идеја е секаде каде што имаме можност да има зелена површина и паркчиња. Со истата динамика ќе продолжиме и понатаму.

Главните приходи на општината доаѓаат од дозволите за градба, и тоа близу 40%, барем според нацртот на основниот буџет на општина Центар, кој го цитираат од „Шанса за Центар“ и, како што тврдат, процесот на бетонизација и окупирање на просторот за градење незапирливо расте. Ќе запре ли бетонизацијата на Центар?

– Не се согласувам во тоа дека постои некаква „бетонизација“ во Општина Центар. Во минатото имаше обиди за интервенција преку тн. „мораториум“ на градби, кој Уставниот суд во два наврати го отфрли како неуставен. Од моето доаѓање до денес имаме издадено само 35 одобренија за градење, што е многу малку, во споредба со другите градоначалници. Станавме првата општина која на секои 6 месеци ќе дава извештај за тоа колку, каде и какви одобренија за градење имаме издадено. Во делот на урбанизмот, ветив и го одржувам зборот. Нема да дозволиме градби, ниту ќе издаваме одобренија на проекти кои отстапуваат од законите. Со почитување на законите успеавме да стопираме градба на 8 парцели на Водно. На пријава на граѓани, на Водно стопиравме и нелегална градба на улицата Христо Чернопеев.

Во однос на заштитата на државното земјиште со Советот ја изгласавме Иницијативата за измена на Законот за градежно земјиште, која потоа ја поднесовме до ЗЕЛС и Министерството за транспорт и врски. Иницијативата се однесува на тоа дека приватните или физички лица ќе може да окрупнат парцела само ако поседуваат минимум 70% од земјиштето на парцелата, а не само 30% според постојниот закон. Со ова ќе ги спречиме инвеститорите на мало парче земја да купат голем плац и да градат на целата површина. Ова законско решение е можеби добро за руралните општини во државата, но во урбаните создава вистински хаос и лесно се злоупотребува.

Донесовме и одлука, при секоја издадена дозвола за градба инвеститорите да мора да планираат паркинг места за велосипеди. Мојата намера е да почнеме да ги менуваме навиките, зголемената употреба на велосипеди значително ќе го олесни движењето во сообраќајот, ќе го намали метежот и нервозите за стоење на семафори и сообраќајната култура.

Поради енергетската криза и енормно зголемените цени, многу институции, но и граѓани, се префрлуваат на „валкани“ извори на енергија, со цел да се преживее периодов, па оттука е можен голем раст на загадувањето на воздухот. Што може да направи општината, во рамки на своите ингеренции, по ова прашање?

– Покрај редовните активности кои ги имаме во насока на заштеда на електрична енергија и заштита на животната средина, Општина Центар беше првата општина која започна да ги применува препораките на Владата за штедење струја. Па така извршивме интервенции во уличното осветлување, со цел намалување на потрошувачката и пренамена на останатите средства во други продуктивни намени. Тука мора да го спомнеме и планот за наредната година, а тоа е формирање на претпријатие за производство на електрична енергија за потребите на основните училишта и другите објекти на Општина Центар. Преку новото јавно претпријатие ќе започнеме со поставување на фотоволтаици за почеток на основните училишта, а потоа и на другите објекти кои се во надлежност на општината. Со работата на јавното претпријатие и поставувањето на фотоволтаиците на основните училишта, значително ќе заштедиме на сметки за топлинска и електрична енергија.

На 14-тата седница на Советот на Општина Центар, советниците едногласно ја поддржаа иницијативата за основање на општинско јавно претпријатие за производство на електрична енергија. На 16-тата седница на Советот советниците ги изгласаа планот и програмите за развој на Општина Центар за периодот од 2023-та до 2025-та година, во која е содржан и проектот за поставување на фотоволтаици на основните училишта. Со поставувањето на фотоволтаици, општината значително ќе заштеди на трошоците за сметки за топлинска и електрична енергија во основните училишта, а средствата ќе може да се пренаменат во други активности важни за жителите на Општина Центар.

Сообраќајниот хаос во центарот на градот е еден од најгорливите проблеми на Скопје. Иако не е во ваша ингеренција, треба ли, по ваше мислење, да се направи центарот пешачка зона?

-Знаеме со што се соочуваме со сообраќајот секојдневно. Познати ни се сообраќајните метежи и тоа дополнително создава проблем во нормалното движење во општината. Намерата е да посветиме повеќе внимание на пешаците, да имаат простор родителите со колички да минуваат на тротоарите, да има повеќе простор за велосипедистите, пешаците. Секојдневно сме во комуникација со нашите жители, ги слушаме проблемите, наоѓаме начини да го подобриме движењето. И јас самиот често користам велосипед, гледам каде и какви проблеми има. Остварив и неколку средби со иницијативата #НаТочак, ги слушнав и нивните барања, забелешки, но добивме и пофалби за одредени наши проекти. Имаме неколку пешачки зони во Општина Центар, една од нив е и улица „Македонија“, која од пред неколку години е во надлежност на Град Скопје. Планираме да воведеме забрана за автомобилски сообраќај по реконструкцијата на улицата „Мирослав Крлежа“ во Дебар Маало, каде на средба со станарите се договоривме да има резидентно паркирање, наменето само за нив. Тука ќе искористам прилика да ја спомнам и „Боемска 2“, каде благодарение на советниците во Советот на Општина Центар, сите заедно поднесовме барање до МВР за воведување на пешачка зона на оваа улица, за кое се надевам ќе добиеме позитивно мислење. Имаме уште проекти кои ги планираме за наредната година, доколку се одвиваат според планираното, би требало многу наскоро да имаме видливи резултати.

Како општината се снаоѓа во време на енергетска криза, дали мерките за штедење помогнаа во работењето? Најавивте и формирање на претпријатие за производство на електрична енергија преку фотоволтаици, колку тоа ќе помогне да се надмине тешкиот период?

– Општина Центар успешно се справува со енергетската криза. Имаме стабилен буџет и навремено подмирени сметки. Морам да споменам дека од огромна помош беше одлуката на Владата да ги префрли училиштата на домаќинска тарифа затоа што сметките за електрична енергија беа навистина енормно зголемени. И токму тие зголемени сметки беа поттик да размислуваме за иновативни решенија како основање на сопствено претпријатие за производство и продажба на струја кое веќе го споменав. Во моментов се прават анализи колку е тоа исплатливо и колкава ќе биде заштедата. Во разговори со колегите од Хрватска во општините каде има поставено вакви системи имаат самоодржливи објекти па и станбени единици. Нашата држава со преку 300 сончеви денови има голем потенцијал за производство на електрична енергија и ние ќе ја искористиме оваа бенефиција од природата. Ова е инвестиција на долг рок. Заштедените средства од помалите сметки за електрична енергија секако ќе се искористат за поголеми проекти во образованието, зеленилото, инфраструктурата, јавната хигиена, детските игралишта и др.

Намалување на бројот на општините и нов модел на територијална организација и на локалната самоуправа, како и намалување на бројот на планските региони најавуваат од Министерството за локална самоуправа, а реализацијата треба да финишира во 2024 година. Како ги коментирате најавите и каде ги гледате најголемите недостатоци на сегашниот модел? Држат ли вода обвинувањата на опозицијата дека во моментов не ѝ одговара на власта да донесе измени, бидејќи со повеќето општини раководи опозициската ВМРО-ДПМНЕ?

-Не би сакал да шпекулирам со информации по ова прашање затоа што се уште не се знаат деталите по однос новата територијална организација. Како што рековте процесот треба да финишира во 2024, да видиме кој ќе биде новиот модел, бројот на општини и плански региони па да го споредиме со сегашниот и коментираме. Сметам дека кога се носат законски измени пред се треба да биде интересот на граѓаните во прв план, а не бројот на градоначалници кој во моментот е актуелен. Затоа што законите треба да важат подолго од мандатите на градоначалниците од една страна и второ и најважно, законите се менуваат за да се подобри квалитетот на живот на сите граѓани. За жал кај нас се уште многу работи се гледаат низ партиска диоптрија. Во тој контекст се и овие паушални обвинувања дека измените се наводно закочени заради тоа што во моментов ВМРО-ДПМНЕ имала поголем број градоначалници. Тоа не е вистина.

Во изминативе месеци е актуелен судирот Арсовска – ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје. Топката „кој е виновен“ се префрла од една на друга страна, опозицијата на крајот го обвини и премиерот Ковачевски за тајни договори со Градоначалничката. Како да се реши овој судир без граѓаните да доживеат уште еден шок, како што беше случајот со блокадите на превозниците?

– Јас пред се, а се надевам и сите избрани функционери на нивоа на власт, сме избрани и мора да работиме во интерес на граѓаните и решавање на нивните проблеми. Затоа тука не се поставува прашањето кој е виновен туку колку граѓаните губат заради партиски или лични интереси и недоразбирања. Мојата комуникација и со Градот и со сите останати градоначалници е конструктивна и професионална, па затоа апелирам за побрзо надминување на недоразбирањата, партиските интереси не можат и не смеат да бидат над интересите на граѓаните. Водењето на институции подразбира решавање на тешки прашања меѓутоа и достоинствено прифаќање на критика.

Кои се најитните проекти на кои ќе работите за остварување за Општината во 2023-та?

– Најитни проекти на кои работиме е претпријатието за производство и продажба на електрична енергија за кое говорев погоре но исто така сме посветени и на почнување на изградбата на катната гаража во Капиштец. Станува збор за продолжување на постојната катна гаража на улицата „Народен Фронт“ со која практично ќе обезбедиме нови паркинг места за 260 возила. Со ова ќе ја растеретиме населбата Капиштец која покрај Дебар Маало и Буњаковец важи за критична точка кога станува збор на густина на сообраќај.

В.З.

 

Слични содржини