Герила-акција: Дрвјата во Расадник родија згради

од Ивана Рамаданова

Група граѓански активисти денеска на просторот кај Расадник во Кисела Вода каде е планирана изградба на 100 нови згради направија нова герила акција – Дрвјата во Расадник родија згради. Тие потсетуваат дека овој предел некогаш бил периферија на градот, а градот е тој што се развивал и растел околку него.

„Македонија е земја на чудата, чуда се случуваат секој ден насекаде околу нас, а нам ни останува само да се чудиме. Најчудно од сè е како во еден од најзагадените градови на светот и во еден негов дел, кој што веќе е густо населен и има огромна фабрика загадувач, општинарите сакаат да направат ни помалку ни повеќе туку 100 нови згради во простор кој што претставува оаза на природата во центарот на градот“.

Граѓанските активисти велат дека во самиот град на просторот Расадникот денеска сè уште живеат голем број диви зајаци, еребици, лисици, фазани, желки, ежови, клукајдрвци и десетици други врсти птици, мали цицачи, влекачи и инсекти.

„Денеска дрвата во Расадник еволуираа и родија згради, утре можеби и зајаците ќе протестираат. Сè е можно во оваа чудесна Македонија која еволуира секојдневно. Прашање на еволуцијата е и кога општинарите и градежната мафијо-индустрија ќе еволуираат и ќе сфатат дека градот не го прават само зградите, туку градот е сложен систем на објекти, простори и вредности во кој место треба да има и за дрвата и за луѓето и за зајаците и за пољанките. А којзнае можеби еволуцијата на општинарите е завршен процес и ова никогаш нема да го сфатат“, додаваат граѓанските активисти.

Слични содржини