Германија го призна геноцидот во Намибија од почетокот на 20 век

од Stefanija Kuzmanovska

Германија постигна договор со Намибија за признавање на убиствата на десетици илјади луѓе за време на колонијалната ера како геноцид и вети дека ќе финансира развојни проекти во вредност од 1,1 милијарда евра.

Германија и Намибија преговараа повеќе од пет години за настаните од 1904 до 1908 година, кога Намибија беше германска колонија.

Претставници на народите Хереро и Нама исто така присуствуваа на преговорите меѓу германската и намибиската влада.

Историчарите велат дека германскиот генерал Лотар фон Трот, кој бил испратен во Африка да го задуши востанието Хереро во 1904 година, ѝ наредил на неговата војска да го избрише целото племе.

Тогаш, наводно, биле убиени околу 65.000 припадници на народот Хереро и најмалку 10.000 припадници на народот Нама.

„Во светло на историската и морална одговорност на Германија, ќе побараме прошка од Намибија и потомците на жртвите. Нашата цел беше и е да најдеме заеднички пат кон вистинско помирување во спомен на жртвите“, рече германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас во писмената изјава.

Тој додаде дека настаните во Намибија мора да бидат наречени со нивното вистинско име – геноцид.

Слични содржини