Германија и Словачка: Сега ЕУ треба да испорача и да им дозволи на Македонија и Албанија да ги почнат преговорите во јуни

од Nikola Popovski

„Германија ја поддржува целта на португалското претседателство со ЕУ да се одржи првата меѓувладина конференција заедно со Албанија и Северна Македонија во јуни. Обете земји ги испорачаа бараните реформи – сега треба и ЕУ да испорача. Натамошното одложување ги загрозува кредибилитетот на ЕУ и стабилноста на регионот“, објави на Твитер, германскиот министер за Европа, Михаел Рот.

Ова следува по вчерашната изјава на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој за Еуроњуз кажа дека ЕУ може да ги почне пристапните преговори со Албанија пред Македонија, ако не се најде заеднички прифатливо решение со Бугарија за историскиот спор.

Сличен твит објави и шефот на дипломатијата на Словачка, Корчок, кој, смета дека Советот на ЕУ треба да го тргне ветото за С Македонија што го стави Бугарија.

„Кредибилна политика за проширување на ЕУ сега значи отфрлање на ветото во Советот, кој треба да го признае напредокот на Северна Македонија и Албанија. Одржувањето на меѓувладините конференции со двете земји веќе многу дозцни“, напиша Корчок.

Дописникот на Вол Стрит Џурнал од Брисел, Лоренс Норман, повикувајќи се на висок функционер на ЕУ, тврди дека ставовите на Вархеји отстапуваат од позицијата на Европската комисија.

„Ова е интересно. Висок претставник на ЕУ ми рече дека изјавите на Оливер Вархеји не претставуваат став на ЕК. Поточно, изворот рече дека Комисијата поддржува брзо отворање на пристапни преговори и со С Македонија и со Албанија. ‘Не планираме одвојување“, пишува Норман.

Советот на амбасадори, во кој се здружени повеќе поранешни дипломати од земјава, изрази загриженост за изјавата на еврокомесарот Вархеји дека постои можност Северна Македонија и Албанија да бидат поделени во евроинтегративниот процес ако земјава не ги надмине спорните прашања со Бугарија. Дипломатите ги повикуваат комесарот за проширување и неговата матична земја, како и лидерите на другите земји членки на Унијата да вложуваат максимални напори оваа година конечно да се одржи меѓувладината конференција и земјата да зачекори кон побрзо интегрирање во ЕУ.

Слични содржини