Германија ја зголемува минималната плата

од Vladimir Zorba

Минималната плата во Германија треба да се зголеми за 11,7 проценти до средината на 2022 година, едногласно заклучија претставниците на синдикатите, работодавачите и академијата.

Во моментов, минималната плата во најголемата економија во Европа е 9,35 евра на час, а до средината на 2022 година треба да се искачи на 10,45 евра на час, се согласи во вторникот Комисијата, која треба да донесе препорака според одлука на владата.

Се препорачува да се зголеми на 9,50 евра на час на почетокот на следната година, на 9,60 евра во средината на годината, и на 9,82 евра на почетокот на 2022 година. Конечниот износ од 10,45 евра на час треба да се воведе кон средината на 2022 година.

Препораката беше донесена едногласно.

Владата планира да го претвори планираното покачување на платите во закон и се очекува да ги следи препораките на Kомисијата.

Зголемувањето на минималната плата беше дискутирано во контекст на економската криза предизвикана од пандемијата на коронавирус. Работодавците предупредуваа дека превисоката минимална плата може да им наштети на компаниите, додека синдикатите бараа зајакнување на работните места.

Германија ја воведе минималната плата во почетокот на 2015 година. Тогаш беше 8,50 евра на час.

Слични содржини