Германија најави целосен прекин на купување јаглен и нафта од Русија

од Stefanija Kuzmanovska

Од први август Германија целосно ќе престане да купува јаглен од Русија, а од 31 декември и руска нафта.

Ова го изјави економскиот помошник на германскиот канцелар Олаф Шолц, Јерг Кукијес.

„Секој кој е запознаен со историјата на гасоводот Дружба, кој веќе беше инструмент на советската империја во Источна Европа, знае дека ослободувањето од оваа зависност не е тривијална работа, но токму тоа ќе го постигнеме за неколку месеци“, рече тој, пренесува ТАСС.

Според него, клучна и многу тешка задача за Германија во иднина ќе биде изнаоѓање решение за да престане да купува гас од Русија.

Кукијес истакна дека затоа Германија забрзано развива терминали за прием на течен природен гас (LNG).

Тој призна дека САД и Катар можат да ѝ достават на Европа околу 30 милијарди кубни метри гас во форма на LNG, што сè уште не е доволно да го замени рускиот гас.

Сиднеј е домаќин на Меѓународниот енергетски форум од 12 до 13 јули, организиран од австралиската влада и Меѓународната агенција за енергија.

На него присуствуваат министрите за енергетика на Австралија, САД, Јапонија, Индонезија, Самоа и Индија, како и лидери на големи компании кои поддржуваат и развиваат зелени технологии и претставници на бизнис заедницата.

Слични содржини