Германија одбележува 60 години од почетокот на изградбата на Берлинскиот Ѕид

од Stefanija Kuzmanovska

Германија ја одбележува 60 -годишнината од почетокот на изградбата на Берлинскиот Ѕид, за време на чиј обид да го преминат најмалку 140 луѓе ги загубија животите.

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер ја нарече изградбата на Ѕидот од 1961 година наваму „почеток на крајот“ за комунистичкиот режим, кој во тоа време тврдеше дека Ѕидот е дизајниран да ја „заштити земјата од фашизмот“.

Штајнмаер ги повика Германците да не дозволат да исчезнат спомените од тој период и ги повика да земат активно учество во демократијата, со гласање на националните избори во земјата следниот месец.

На денешен ден во 1961 година, по наредба на раководството на тогашната Демократска Република Германија, започна изградбата на границата долга 155 километри, која го изолираше Западен Берлин сѐ до 1989 година.

Берлинскиот Ѕид падна на 9 ноември 1989 година, среде политички промени во поранешна Источна Германија, кои завршија со германското обединување една година подоцна.

Слични содржини