Властите во Германија повеќе не ја исклучуваат можноста дека нападот со нож во воз во јужна Германија на почетокот на ноември имал исламистичка позадина, соопшти во вторникот државното обвинителство во Минхен, пренесува Стар Трибјун.
„Кај осомничениот се пронајдени пропагандни видео материјали на таканаречената исламистичка држава“, соопшти државното обвинителство во Минхен, кое води истрага за случајот.
Освен тоа, некои содржини на Фејсбук страницата на 27-годишниот Сириец укажуваат на екстремистички погледи на светот.
Властите веднаш по нападот, кој се случи на 6 ноември, ја наведоа менталната болест како позадина на нападот, при што напаѓачот во брз воз меѓу Регенсбург и Нирнберг почнал по случаен избор со нож да ги напаѓа патниците.
Во таа прилика биле повредени тројца мажи, од кои последниот вчера ја напуштил болницата.
Државното правобранителство нагласи дека во моментов се чека детално медицинско вештачење кое ќе покаже до кој степен обвинетиот, кој е на психијатрија од нападот, бил здрав во моментот на нападот.
Во 2016 година, авганистански мигрант со секира нападна и повреди пет патници во воз во јужна Германија.