Германската полиција е во состојба на готовност по три одвоени напади со нож во Берлин, објавија германските медиуми.
Денеска непознат маж избодел 39-годишен маж во стомакот на станицата на метрото Јановичбрике во Берлин-Мите. Повредениот е пренесен во болница со сериозна убодна рана во долниот дел на стомакот, соопшти берлинската полиција, пренесе Тагешау.
Како што изјавил портпаролот на полицијата за радио „РББ“, постоела опасност по неговиот живот, но 39-годишникот повеќе не е во животна опасност.
Според полицијата, сопружници виделе двајца мажи и забележале дека едниот од нив напаѓа со нож. Според сведоците, 39-годишникот веднаш паднал на земја, а насилникот побегнал.
Во петокот вечерта, 39-годишен маж избодел маж во вратот во Берлин-Нојкелн.
Претходната ноќ, 18-годишник се здобил со убодни рани и расекотини на нозете со нож за време на напад, повторно во Берлин-Мите.
По тој повод, берлинската сенаторка за внатрешни работи, Ирис Шпрангер ги повтори повиците за построги закони за оружје во Германија. Спренгер изјави за радио „РББ“ дека заштитата на населението од злоупотреба на оружје и ножеви мора да се подобри. Таа смета дека федералната влада е првенствено одговорна.
Германската министерка за внатрешни работи, Ненси Физер веќе најави дека ќе се заострат законите за оружје. Во новиот закон за оружје, таа „дополнително ќе ја ограничи употребата на ножеви на јавни места“, изјавила Физер за „Bild am Sonntag“.