Германски научници: Пелин со кафе може да помогне против короната

од Vladimir Zorba

Екстракт од сладок пелин, измешан со кафе, активно делува против коронавирусот, велат германски научници. Тие предупредуваат дека треба да почекаме клинички испитувања, исто како и за една билна мешавина од Мадагаскар.

Годишниот или сладок пелин, исто така познат како „Artemisia annua“, одамна се има докажано. Повеќе од 20 години, во борбата против маларијата, лекарите успешно ја користат лековитата состојка на ова растение – артемисинин. Група научници од Институтот „Макс Планк“ во Потсдам сега испитуваа во колкава мерка може да помогне ова растение во третманот на Ковид-19, пишува „Дојче веле“.

„За време на истражувањето, извлековме чисти материи од растението, а потоа ги поврзавме со вирусот“, објаснува Питер Зебергер од Институтот „Макс Планк“, кој заедно со хемичарот Кери Гилмор ги иницираа и ги водеа истражувањата.

За целите на овој проект, во САД се одгледува див пелин од дрво. Во истражувачкиот проект учествуваа и вирусози од Слободниот универзитет во Берлин. Резултатите ги изненадија научниците: екстрактите од сладок пелин од дрво се активни против САРС-КоВ-2. Лисјата на растението Artemisia annua, одгледувани во Кентаки, САД, ја покажаа најдобрата антивирусна активност кога се извлечени со чист етанол или дестилирана вода.

Антивирусната активност на екстрактот од етанол се зголеми уште повеќе со додавање на кафе, откриле научниците. Самиот артемисинин, сепак, не беше многу ефикасен против вирусот.

„Бев изненаден што екстрактите од артемисинин функционираа многу подобро од чистите деривати и дека додавањето на кафе ја зголеми активноста“, вели Клаус Остерајдер, професор по вирологија на Слободниот универзитет во Берлин. Во истражувачката група, тој беше задолжен за тестирање на овие активности.

Медицински растителен пијалок од Мадагаскар?

На крајот на април, Мадагаскар се пофали со наводниот магичен лек против Ковид-19. Хербалната мешавина наречена „Covid Organics“ е во промет не само во Мадагаскар. Нарачана е и од други африкански земји, како што се Танзанија, Того, Чад, Нигерија и Гвинеја-Бисао. Сè уште нема научни докази дека овој лек навистина функционира.

Зебергер и германскиот истражувачки тим би сакале да имаат повеќе информации за хербалниот пијалок од Мадагаскар.

„Во последните неколку недели, честопати беше побарано да кажуваме нешто за „Covid Organics“. Се обидовме интензивно да стигнеме до него“, објаснува Зебергер.

„Но, за жал, не добивме никакви примероци, штета. Ако навистина функционира, секако би било добро да можеме да го тестираме. Колку што знаеме, засега нема научни студии“.

Светската здравствена организација (СЗО) предупредува на опасностите од конзумирање на „Covid Organics“ како резултат на недостаток на научни докази за тоа дали функционира.

Билка позната уште од дамнешни времиња

Во Азија, Африка и Јужна Америка, растителни екстракти веќе долго време се користат во третманот на заразни болести. Екстрактите од пелин се сметаат за ефикасна алатка во третманот на болести придружени со треска, како маларија.

Артемисинин е основа на комбинирана терапија против маларија, со малку или никакви несакани ефекти. Милиони возрасни и деца се третираат на овој начин секоја година.

Во меѓувреме, се зголемува загриженоста дека може да се развие отпорност на лекот, рече Зебергер.

„Сакаме да ги предупредиме оние што живеат во ендемични области на маларија за опасностите од вадење на овие екстракти. Треба да почекаме да се завршат контролираните, клинички испитувања.“

Секундарната хербална супстанција добиена од едногодишниот пелин е откриена во 1972 година од кинескиот хемичар и фармацевт Ту Јују. Во 2015 година, за својата работа ја доби Нобеловата награда за медицина.

Клиничките испитувања за ефективноста на мешањето чај и кафе со растението Artemisia annua сега треба да започнат на Медицинскиот центар на Универзитетот во Кентаки. Клинички ќе биде тестиран и артесунат, дериват на артемисинин за третман на маларија.

Мексико исто така покажа интерес за клиничките испитувања. Тие се неопходни за да можат со сигурност да се утврди ефективноста на пелин. Ова постојано го истакнуваат научниците кои учествувале во студијата на Институтот „Макс Планк“.

Слични содржини