Германско официјално лице: Цртање на нови граници на Балканот е опасен пат

од Stefanija Kuzmanovska

Земјите од Западен Балкан имаат иднина само како мултиетнички и мултирелигиозни општества, порача државниот секретар за Европа во германското Министерство за надворешни работи Михаел Рот, по повод неофицијалниот дипломатски документ објавен на словенечкиот портал Necenzurisano, кој наводно бил испратен од словенечкиот премиер Јанез Јанша до Брисел. Во документот се наведени идеи за поделба на Босна и Херцеговина, припојување на Република Српска кон Србија и обединување на Косово со Албанија.

„Регионалното помирување и соработка се клучот за мирот, демократијата и просперитетот. Цртање на нови граници е опасен пат“, напиша Рот на Твитер.

Официјални лица од Европа и регионот реагираа на дипломатскиот „нон-пејпер“, а новинарот на N1 Словенија, Миха Оресник, рече дека експерти за меѓународни односи во Словенија „шепотеле“ за неговото постоење со денови.

„Разговарав со неколку експерти за меѓународни односи и тие ми рекоа дека со денови се шушкало за постоењето на тој документ, но дека сите чекале што ќе се случи“, изјави Оресник за N1.

Во врска со содржината на „нон-пејпер“, пратеничката во Европскиот парламент, Тања Фајон, изјави дека ваквите изјави се опасни и загрижувачки, пренесе турската државна агенција Анадолија.

Јанша, за кого некои портали од БиХ објавија дека тој му го предал на претседателот на Европскиот совет Чарлс Мишел т.н. „нон пејпер“, ги демантираше тие информации. Портпаролот на Европската комисија Питер Стано тврди дека приказната е измислена.

Слични содржини