Гевгелија со 950.000 евра европски пари реализирала седум проекти

од Vladimir Zorba

   Според досегашната успешна соработка со ЕУ и искуствата што од неа ги стекна општината преку реализација на проекти во рамки на прекуграничната соработка и успешното справување за време на бегалската криза, општина Гевгелија веќе ги применува eвропските стандарди и вредности.

Само преку ИПА програмата за прекугранична соработка со Грција и Бугарија, во периодот од 2007 до 2013 година во општина Гевгелија сe  реализирани шест проекти со европски грант од 950.000 евра од кои повеќето капитални.

Со европски пари се изградени Пречистителната станица кај Вардар, новиот систем за снабдување со дополнителни количества на вода за пиење, изградбата на регионалниот пат Негорци-Серменин, изградбата на канализациски линии во Прдејци и Мрзенци, уредување на каналот „Рауљ“ и изградбата на пешачката патека покрај археолошкиот локалитет на Вардарски рид.

– Покрај подобрувањето на инфраструктурната слика на општина Гевгелија, овие проекти придонесоа за унапредување на прекуграничната соработка, посебно со општините во Грција и Бугарија, а се разбира и за зајакнување на капацитетот на локалната самоуправа, истакна гевгелискиот градоначалник Сашо Поцков.

Поцков нагласи дека со примената на европските стандарди и вредности, општина Гевгелија ќе настојува на проширување на оваа соработка.

– По преземањето на градоначалничката функција се заложив за обезбедување на оновните предуслови за остварување одржлив економски и еколошки развој на општина Гевгелија што значеше продолжување и финиширање на веќе започнатите проекти и обезбедување улови за нови проекти кои ќе го поттикнат локалниот економски развој. Во моментот од ИПА програмата ги реализираме проектите за уредување на излетиштето „Динќут“ и за регулација на дел од коритото на Сува Река за кои од ЕУ ни се доделени 686.000 евра, вели Поцков.

Покрај ова, во вториот проектен повик од ИПА општина Гевгелија аплицираше со два проекта од областа на туризмот и животната средина со општините Разлог и Банско од Бугарија. Доколку бидат одобрени, во областа на туризмот средствата ќе бидат потрошени за реновирање и опремување на училиштето во село Конско (објект кој е прогласен за споменик на културата), а во делот на заштитата на животната средина ќе се гради пречистителна станица во селото Моин.

Слични содржини