Ги затвориле во камион без вода: Двајца мажи обвинети за смртта на 51 мигрант

од Stefanija Kuzmanovska

Двајца мексикански државјани, Хуан Франциско Д’Луна-Билбао и Хуан Клаудио Д’Луна-Мендез, се обвинети пред федералниот суд на САД за смртта на најмалку 51 мигрант кои настрадале откако биле оставени во камион со приколка без климатизација на високи температури во Сан Антонио, Тексас.

Мигрантите биле заробени во вжештена приколка за камиони која беше пронајдена напуштена, соопштија властите, а 39 мажи и 12 жени, од кои повеќето мексикански државјани, беа откриени во понеделникот во индустриска зона на периферијата на Сан Антонио, Тексас, на околу 250 километри северно од границите меѓу САД и Мексико.

Билбао и Мендез се обвинети и за поседување огнено оружје за време на нивниот нелегален престој во САД, според судските документи, пренесува „Ројтерс“.

„Ројтерс“ објави дека иследниците го следеле камионот до адреса во Сан Антонио, каде што уапсиле двајца мажи, а третиот осомничен, опишан како американски државјанин кој управувал со камионот, исто така бил уапсен и се очекувало обвинение, но од вторникот вечерта се наоѓа во болница.

Инцидентот ја означува најголемата загуба на човечки животи во врска со шверцот на мигранти во историјата на САД, изјави Крег Лараби, специјален агент на американската служба за имиграција и царина (ICE).

Камионот останал паркиран покрај железничките пруги, а температурата на воздухот била 39,4 степени Целзиусови.

Локалните власти соопштија дека не нашле вода или климатизација во камионот.

Слични содржини