„Ги знаеме нашите црвени линии, не треба да бидеме преокупирани со тоа колку време ќе им треба на другите да се соочат со вистината “

од Берта Китинска

Не треба да се брза во решавање на спорот со Бугарија за одблокирање на процесот за старт на преговорите за членство на земјава во Европската Унија, затоа што кога сте соочени со предизвик од таков калибар, брзањето не е секогаш најдобриот сојузник, порача вчера претседателот Стево Пендаровски во своето годишно обраќање пред Собранието.

– Во актуелниот контекст, кога ги знаеме нашите црвени линии и јавно ги браниме, не треба да бидеме преокупирани со тоа колку време ќе им треба на другите да се соочат со вистината за нас. Наместо тоа, треба да бидеме опседнати со клучните реформи дома од кои зависи квалитетот на животот на нашите граѓани, порача Пендаровски.

Шефот на државата нагласи дека нема дилема околу тоа оти европските интеграции немаат издржана алтернатива за нас, но дека тие секако имаат своја цена.

– Ако таа цена значи откажување од нашиот идентитет, не гледам политичар кај нас кој ќе сака да го продаде својот народ за такви европски интеграции. Неодамна, со апсолутен консензус усвоената Резолуција во ова Собрание за македонските државни позиции е доволно индикативна во таа насока, рече претседателот Пендаровски.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 посочи дека не добивањето на датум за почнување на преговори со ЕУ нема да донесе дестабилизација, но, како што вели, стравува од ново грчко сценарио.

-Најголемиот страв е да не влеземе во ново грчко сценарио, а тоа е да влеземе во замрзнат конфликт со Бугарија. Ова да стане нова нормалност во нашите односи, вели Османи.

Постигнат е голем напредок во разговорите со Бугарија, бидејќи она што денес го имаме на маса се разликува од првиот предлог што ни беше претставен лани во октомври, изјави вечерва министерот за надворешни работи Бујар Османи.

– Сосема различни прашања беа кога јас лани во октомври отидов во Софија, на мојата прва посета откако станав министер, а сосема други прашања во однос на формата разговараме денес. Стигнавме до еден прогрес од тој документ што ни беше предаден во Софија лани во октомври, до документите што сега ги имаме на маса и за кои разменуваме ноти на предлози. Сметам дека е голем напредок, нагласи Османи.

Слични содржини