Гир на местото на Жбогар, новиот амбасадор на ЕУ во Македонија ги предаде акредитивните писма

од Берта Китинска

Шефот на Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија, амбасадорот Дејвид Гир денеска му ги предаде акредитивните писма на претседателот Стево Пендаровски.

Како што соопшти делегацијата на ЕУ, амбасадорот Гир рече дека е воодушевен што е во Македонија и што ја претставува Европската Унија. Тој вети дека во текот на целиот мандат ќе работи со институциите, политичките сили и сите чинители и сектори на општеството низ целата земја.

Претседателот и амбасадорот Гир разменија мислења во врска со процесот на интеграција на Македонија во ЕУ, напредокот што го направи земјата, како и идните реформи и предизвици што претстојат. Амбасадорот Гир ја изрази својата решеност да го поддржи процесот на позитивни реформи во интерес на слободите, просперитетот и безбедноста на граѓаните.

–Минатиот март, Советот на Европската Унија ја донесе историската одлука за отворање преговори за членство со „Северна“ Македонија. Ова се случи по значајните реформски достигнувања, тешките одлуки кои го потврдија избраниот правец на оваа земја, рече амбасадорот Гир.

Минатиот петок амбасадорот Гир му предаде копија од акредитивните писма на министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Министерот за надворешни работи Османи му посака добредојде на амбасадорот Гир, истакнувајќи дека тој доаѓа во исклучително важен момент за патот на земјата кон ЕУ, истакнувајќи дека неговото искуство и поддршка ќе бидат од голема вредност.

Мандатот на амбасадорот Гир како Шеф на Делегацијата на ЕУ во Република Македонија е четири години. Тој доаѓа на местото на Самуел Жбогар кој функцијата евроамбасадор ја извршуваше од септември 2016 година досега.

Слични содржини