Гир: За Северна Македонија нема алтернатива за останување на курсот на нашата „тројна стратегија“

од Vladimir Zorba

Масовни убиства, мачење, силување, киднапирања, депортации, грабежи, уништена инфраструктура која остави милиони луѓе без греење, вода и струја среде зима. Во 21 век имаше 365 дена страдање, страв и криза во Украина со ефекти низ цела Европа и во целиот свет, но и 365 дена извонреден украински отпор и храброст, кои ги почитуваме додека жалиме по загинатите и изразуваме солидарност со оние кои ги загубија своите најблиски и нивните домови, рече Амбасадорот на Европската унија во Северна Македонија, Дејвид Гир на денешната конференција „Украина – година на хероизмот“, на невладината организација за човекови права и слободи, ЦИВИЛ – Центар за слобода и Амбасадата на Украина во Република Северна Македонија.

-24 февруари 2022 година секогаш ќе се памети како денот кога Русија ја започна својата брутална, неиспровоцирана и незаконска инвазија на Украина. Ова беше и останува случај на чиста агресија и јасно прекршување на Повелбата на ОН. И ова не е само агресија против Украина, тоа е закана за демократијата во светот и до сите земји. Бидејќи она што е во прашање е нивниот суверенитет – нивното право да одлучуваат за својата и за иднината на своите деца, додаде тој.

Според Гир Повелбата на ОН мора да биде заштитена според која Украина, како жртва на агресија, има вродено право да се брани.

-За ЕУ и нашите партнери, вклучително и Северна Македонија, нема алтернатива за останување на курсот на нашата „тројна стратегија“: поддршка на Украина, вршење притисок врз Русија да престане со нејзината нелегална агресија и помагање на остатокот од светот да се справи со поширокото влијание на војната. ЕУ ќе остане одлучна и обединета во својата поддршка за украинскиот народ на сите фронтови: хуманитарен, економски, политички, дипломатски и воен. Украина мора да победи. А европската безбедност е заштитена, додаде Гир.

Слични содржини