Поголем дел од граѓаните не веруваа дека можеме да паднеме уште подлабоко во поголема економска и финансиска дупка, но новата власт на ДПМНЕ го постигна токму тоа. Иако платите номинално пораснаа, реалната куповна моќ сериозно опадна, не само поради инфлацијата туку и растот на цените на основните продукти и услуги неопходни за секојдневно функционирање на граѓанинот е многу повисок и директно ја јаде секоја покачена плата, вели во разговор за „Локално“, Игор Ѓуровски, член на Левица и заменик-координатор на сектор економија во партијата по повод една година власт на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и каде се движи државата на економски план.
Според Ѓуровски, тоа можеби не е случај само кај еден мал број на граѓани кои фамилијарно, политички и економски се поврзани со најтесниот круг концентриран околу раководствата на партиите кои се во владеачката коалиција, а во последниве година дена се вдомија на менаџерски, раководни или советнички функции каде платите, а посебно хонорарите се неколкукратно поголеми од просечната плата во Република Македонија.
За досегашните два земени заеми од Будимпешта и Лондон, членот на Левица потсетува дека по проценки на Владата, во прашање се една милијарда евра унгарски кредит и пет милијарди фунти англиски кредит или по моментален девизен курс, скоро седум милијарди евра.
-Првата милијарда евра од унгарскиот кредит се зеде, се распредели на комплетно нетранспарентен начин, а од она малку информации што ги имаме воопшто не се искористени за почеток на било каков економски циклус кој би требало позитивно да делува на економијата, туку се потрошени и сеуште се трошат локално на компензирање на непопуларните владини политики на надворешен и внатрешен политички план, смирување и подмирување на сопственото членство и други проекти кои треба да го подобрат имиџот на владата кај неколку социјални групи како на пример пензионерите.
За англискиот кредит информациите се уште помалку достапни, бидеќи потпишаниот договор кој не е повеќе од неколку страни, повеќе личи на меморандум за соработка отколку на сериозен договор помеѓу две сериозни влади. Иако во овој договор се спомнуваат неколку проекти како железница, изградба и реновирање на болници и слично, истите се без физибилити студии и веднаш се најдоа под удар на експертската и стручната јавност која владата и медиумите под нејзина контрола, очајно се трудат да ја избегнат или воопшто да не ја забележат… Најлош од сите овие проекти е брзата железница која е кристално чист пример како и што не треба да се прави со кредити кои треба да ги враќаме не само ние туку и нашите деца и внуци, објаснува соговорникот.
Ѓуровски смета дека заемите сами по себе не се лоши, но само доколку бенефитот од нив е поголем од главницата и каматите кои ќе треба да ги платиме и исплатиме, што не случај ниту со унгарскиот, ниту со британскиот кредит.
-Транспарентноста на нивното трошење е сериозен проблем. Оттука, доколку кредитите немаат јасни услови и економска логика, тие стануваат механизам за политичка зависност. Унгарија нема капацитет да проектира моќ надвор од ЕУ, но Британија има – и тоа ја прави нашата подреденост сериозен ризик, вели членот на Левица.
По тврдењата дека 43 милиони евра од Планот за раст, пари наменети за реформи, останале неискористени и дека не е ставен во функција ниту авансот од 52 милиони евра од истиот План, Ѓуровски оценува дека се испраќа порака за незаинтересираност на Владата, односно дека не е заинтересирана ниту за демократизација, ниту за европеизација на македонските државни институции, но ни на целокупното македонско општество, бидеќи, како што вели, ќе им се намали просторот за лична и партиска моќ и „креативно делување“ во рамките на системот кој сега е перфектно поставен за спроведување на нивните партиски агенди, но и за нивна лична корист. Потенцира дека сите овие силни милиони евра кои се споменуваат до сега се неколкукратно потрошени за исти или слични реформи и реформски агенди, но без никаков практичен резултат. Едноставно, тврди Ѓуровски, не можете да очекувате градителите на овој систем кој со години го градат за да го користат за лични себични цели, истиот и да го разградат…
Заменик-координаторот на сектор економија во Левица исто така додава и дека „ако сме четврта економија во Европа, ниту младите, ниту пак постарите граѓани на Република Македонија нема да ја напуштаат државата и да бараат посветла иднина во истата таа Европа, но и на другите континенти“. Едноставно, констатира Ѓуровски, тоа не е точно и би сакал Владата тоа пластично да ми го објасни и разјасни бидеќи не гледа во кои економски гранки сме толку напредни и успешни.
-Инфлацијата е поголема од 4 проценти, бидеќи еден од најголемите издатоци на секоја фамилија – станбениот простор во последниве неколку години расте со двоцифрена бројка. Доколку Владата во следниов период не усвои програма за зголемување на нашата конкурентност, продуктивност и ефикасност во комерцијалниот сектор, повеќе од сигурно е дека платата, но и куповната моќ на поголемиот дел од граѓаните ќе остане на денешно ниво, предупредува тој.
По барањето на новиот гувернер на Народната банка за намалување на банкарските провизии, од Левица велат дека веќе неколку години како предупредуваат дека банкарските провизии се преголеми и дека треба да се намалат.
-Со господинот Славески сме на дијаметрално спротивен крај од она што се нарекува Политичка Економија, но по ова прашање морам да се сложам со него, односно многу ми е драго што ете и тој им се придружил на нашите повеќегодишни залагања, вели Ѓуровски.
Соговорникот цени дека ако продолжиме државата и економијата да ја гледаме само од агол на профитот, без да обрнеме внимание и на другите цивилизациски вредности кои едно општество треба да ги има, повеќе од сигурно е дека патот е еднонасочен.
-Политичката Партија Левица се залага секој граѓанин на Република Македонија да има соодветно образование, но и континуирана доживотна едукација, да биде поактивен и помобилен во економијата, се со цел да може да се вработи и да добива еден соодветен и достоинствен надоместок за својот труд, со кој ќе може да си овозможи достоинствен живот за себе и својата фамилија, посочува членот на опозициската партија.
Запрашан за како да се постави Македонија во ситуација кога светот се соочува со крај на ерата на глобализација и во моменти кога се чини се случува целосен ресет на светската економија, Ѓуровски вели во разговор дека ова можеби е и најтешкото прашање, но, не за да се одговори, туку за да се продолжи во сегашниве услови во кои актуелната Влада самата себе се ограничува или можеби нема визија за нешто подобро, пошироко и послободно.
-Гледаме дека владата моментално е едноока, односно гледа само на запад и воопшто не ги препознава глобалните настани и процеси кои обезбедуваат повеќе шанси со повеќе партнери од било кога. Додека нашите соседи, но и земји-членки на НАТО и ЕУ слободно соработуваат со цел свет, нас како да ни е страв да си ја бараме среќата онаму каде што реално најмногу можеме да си ја најдеме. Само за пример би го спомнал глобалниот проект Појас и Пат на Народна Република Кина во кои членуваат повеќе од стотина суверени држави и во кој проектите, заемите и соработката не се ограничени со политички и други услови. Само со комплетно отварање на државата кон глобалните трендови ние можеме да си го најдеме, но и да си го осигураме нашето место во глобалната заедница, заклучува Ѓуровски.
Н.П.