Главен американски епидемиолог: Игнорирањето на препораките е рецепт за катастрофа

од Stefanija Kuzmanovska

Ненадејниот скок на бројот на новозаразени со Ковид-19 во САД во голема мерка е предизвикан од игнорирање на препораките за одржување дистанца и носење маски, изјави главниот експерт за инфективни болести во администрацијата на САД.


Дневниот скок во нови случаи е најизразен во јужните и западните сојузни држави, кои не ги следеа препораките на здравствените службеници да чекаат за постојан пад на заболените, пред да се отвори економијата.

„Тоа е рецепт за катастрофа“, изјави Ентони Фаучи, директор на Националниот институт за алергии и заразни болести, за телевизијата Си-Ен-Ен.

„Сега ги гледаме последиците од експанзијата во заедницата што е многу потешко да се намали од ширењето на познати физички локации како затвори, старечки домови или погони за преработка на месо“, рече Фаучи за Си-Ен-Ен.

Има повеќе од 2,5 милиони позитивни на новиот коронавирус во САД, а повеќе од 125.000 луѓе починале од Ковид-19, болест предизвикана од вирусот, според Ројтерс, а овие бројки се највисоки во светот.

Во светски рамки, бројот на загинати од пандемијата „Ковид-19“ во неделата надмина половина милион.

Калифорнија нареди затворање на голем број барови во неделата, прв голем чекор наназад во напорите за повторно отворање на државната економија, а порано во петокот Тексас и Флорида го наредија истото. Аризона и Џорџија забележаа рекордно зголемување на бројот на новозаразени минатата недела.

Американските здравствени власти размислуваат на места каде што бројот на заразени лица рапидно расте, целосно со тестови да ги опфатат тие заедници , рече Фаучи, за да се утврди степенот на епидемијата, да се идентификуваат заразените и нивните контакти од кои би се замолило да останат доброволно во карантин.

Фаучи рече дека е оптимист во врска со можноста за добивање на вакцината до крајот на годината, но предупреди дека ниту една вакцина не е 100 проценти ефикасна.

Потпретседателот на САД, Мајк Пенс во неделата ги замоли Американците да носат маски за време на посетата на Тексас. Самиот Пенс носеше маска која претставува значаен пресврт за администрацијата на републиканскиот претседател Доналд Трамп кој одбива да го покрие лицето во јавноста.

Слични содржини