Главниот медицински советник на британската влада: Пред нас е најлошата недела од епидемијата, новиот вид се шири незапирливо!

од Nikola Popovski

Главниот медицински советник на британската влада, Кристофер Вити, денес изјави дека претстојат најлошите недели од епидемијата со Ковид-19 во Велика Британија, бидејќи новиот, позаразен вид на вирусот се шири незапирливо.

„Следните неколку недели ќе бидат најлоши кога станува збор за бројот на новоинфицирани. Пред да се почувствуваат ефектите од вакцинацијата, навистина треба да ги удвоиме напорите и да спречиме ширење на болеста“, рекол Вити, а пренесе Ројтерс.

Речиси 60.000 нови случаи на Ковид-19 беа пријавени вчера во Велика Британија, со што вкупниот број заразени во земјата достигна над три милиони.

Велика Британија е петта земја во светот со повеќе од три милиони луѓе заразени со вирусот.

Велика Британија вакцинирала околу 2 милиони луѓе, рекол денес министерот за здравство Мет Ханкок и најавил забрзување на масовното вакцинирање на граѓаните од понеделник.

„Минатата недела вакциниравме повеќе лица отколку во цел декември“, рекол Ханкок за „Би-Би-Си“.

Британија планира да вакцинира околу 14 милиони луѓе до средината на февруари. Предност имаат постарите од 70, хронично болните, здравствените и социјални работници.

 

Слични содржини