Главните точки на економскиот договор меѓу Брисел и Лондон по „Брегзит“

од Vladimir Zorba

Европската комисија ги презентираше главните точки на економското и трговско партнерство склучено со Велика Британија, што ја поставува рамката за идните односи меѓу двете страни, партнери од 1 јануари.

Договорот гарантира трговија без царина или квоти за „сите добра што се во согласност со релевантните правила за потекло“. Франс прес наведува дека досега тоа не било случај во трговските договори.

Британските компании на тој начин го задржуваат пристапот до огромниот единствен европски пазар од 450 милиони потрошувачи. А европските компании за 66 милиони Британци.

Договорот без преседан овозможува да се избегнат прекини во производствените ланци, што би било многу проблематично за секторите како што е автомобилската индустрија.

Велика Британија и ЕУ ветија дека ќе ги почитуваат еднаквите услови за конкуренција „со одржување на високо ниво на заштита во области како што се животната средина, борба против климатските промени, одредување на цените на јаглеродот, како и социјалните и работничките права, фискалната транспарентност и државната помош“.

Доколку Велика Британија или ЕУ не се придржуваат до договорот, ќе започне механизам за решавање спорови, како што постои во повеќето трговски договори.

Поради жестокото противење на Лондон, Судот на правдата на Европската унија нема да се меша во тоа.

„Заеднички совет“ ќе осигури дека договорот е правилно применет и толкуван.

Договорот предвидува европските рибари да добијат пристап до британските води за преоден рок од пет и пол години, односно до јуни 2026 година.

За време на тој преоден рок, ЕУ ќе мора постепено да се откаже од 25 проценти од својот улов, вреден 650 милиони евра годишно.

Договорот гарантира воздушни, патишта, железнички и поморски врски, но на помалку поволен начин отколку ако Велика Британија останеше членка на единствениот пазар.

Велика Британија ќе продолжи да учествува во некои програми на ЕУ за периодот 2021-2027 година, како што е програмата за истражување и иновации „Хоризонт Европа“, под услов да придонесува за буџетот на ЕУ.

Договорот „воспоставува нова рамка“ за полициска и судска соработка, „особено за борба против прекуграничен криминал и тероризам“.

Соработката во областа на надворешната политика, надворешната безбедност и одбраната не е опфатена со договорот, бидејќи Велика Британија не сакаше да преговара за тоа.

Слични содржини