Главоболка за ЕУ: Пресметката на Орбан со ЛГБТИ заедницата

од Nikola Popovski

Лидерите на ЕУ и 17 земји, меѓу кои Ангела Меркел, Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен, го осудија новиот закон во Унгарија, кој ги „штити малолетниците од хомосексуална пропаганда“. Покрај притисокот „од горе“, премиерот на Унгарија сега се соочува и со масовни протести. За каков закон се работи и зошто е нападнат Орбан?

Што е спорно во законот?

Целта на законот е „заштита од педофилија“ и забрана за „промовирање“ на хомосексуалноста кај малолетници.

„Порнографијата и содржината што ја претставува сексуалноста или промовира отстапување од родовиот идентитет, промена на полот и хомосексуалноста не смеат да бидат достапни за лица помлади од 18 години“, се вели во документот.

Ова значи дека веќе нема да се одобруваат едукативни програми или реклами во солидарност со сексуалните и родовите малцинства, слично на онаа што Кока-Кола ја имаше во 2019 година со неколку пара мажи, што предизвика повици за бојкот на нејзините производи. Истото ќе важи за книгите, но и за сериите и филмовите како „Пријатели“, „Бриџит Џонс“, „Хари Потер“ во кои се споменува хомосексуалноста, предупредуваат невладините организации.

За усвојување на овој закон гласаа 157 пратеници, вклучувајќи ги и членовите на владејачката партија Фидес. Опозицијата, со исклучок на екстремно десничарското движење „Јобик“, кое гласаше „за“, го бојкотираше гласањето.

Орбан тврди дека е „борец за правата на хомосексуалците“

Иако законот наиде на остра осуда во Европа, Виктор Орбан тврди дека всушност неговата земја не донела закон против ЛГБТИ популацијата. Како што вели, тоа е закон за децата и нивните родители. Тој им порача на сите прво да го прочитаат законот, а потоа да го критикуваат.

„Бев борец за слобода во комунистичкиот режим каде хомосексуалноста се казнуваше. Се борев за нивните права и слободи и ги бранев правата на хомосексуалците. Овој закон не е за тоа, туку за правата на децата и родителите“, рече Орбан.

Сепак, неколку факти не одат во прилог на Орбан. За време на неговото владеење, законите се менуваа неколку пати, секој пат на штета на ЛГБТИ заедницата.

Последниот закон е всушност четвртиот донесен од 2018 година, кој се занимава со оваа тема. Унгарскиот парламент го промени Уставот во 2020 година, па сега тој вели дека таткото е исклучиво маж, а мајката исклучиво жена. Геј-браковите не се признаваат во Унгарија, а Уставот прецизира дека семејство е само брак меѓу маж и жена.

Критичарите го споредуваат односот кон прашањето за ЛГБТ заедницата и последниот закон за кој Орбан вели дека е „законот за деца и нивните родители“ со законите што се во сила во Русија од 2013 година. Режимот на Путин, кој исто така не е љубезен кон членовите на ЛГБТИ заедницата, усвои закон пред осум години со кој се забранува ширење „пропаганда за нетрадиционални сексуални односи“ меѓу младите Руси.

И покрај тоа, истражувањето на јавното мислење на компанијата Ипсос оваа година покажува дека 46 проценти од Унгарците прифаќаат истополови бракови, во споредба со 30 проценти од пред осум години.

Дека Унгарците не се согласуваат со политиката на премиерот кога станува збор за оваа тема, покажуваат и протестите што се одржаа во Унгарија претходните денови. По усвојувањето на законот, демонстрантите започнаа да се собираат во Будимпешта и побараа од претседателот на Унгарија, Јанош Адер, да го поништи овој закон.

Демонстрантите ставија рачно напишани или печатени пораки за претседателот Адер во кутија. Пораките содржат лични приказни за поддршка, прифаќање, корисно образование и искуства стекнати од припадници на ЛГБТ популацијата.

Бројни граѓански организации, вклучително и Амнести Интернешнл, протестираа против законот, а повеќе од 100.000 луѓе веќе потпишаа петиција против овој акт.

Остри реакции од Европа

Орбан очигледно не успеа да ја убеди Европа дека ова е Закон за деца. Напротив, осудата станува сè погласна и погласна.

Четиринаесет влади на Европската унија (ЕУ), вклучувајќи ги Франција, Германија, Шпанија и Ирска, го осудија новиот закон како „флагрантна форма на дискриминација на основа на сексуална ориентација, родов идентитет и изразување“. Обединетото Кралство исто така изрази противење.

Се огласи и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, нарекувајќи го унгарскиот закон „срамота“ и оцени дека тоа е спротивно на „основните вредности на ЕУ“. Европската комисија објави дека ќе воведе законски мерки против Унгарија.

Ниту германската канцеларка Ангела Меркел нема пофални зборови за новиот закон на Унгарија. Како што рече, „законот не е во ред“ и „тој не е компатибилен со нејзините идеи“.

Шарл Мишел, претседателот на Европската комисија, рече дека законот и правата на ЛГБТ-популацијата во Унгарија ќе се дискутира за време на вечерата на лидерите на ЕУ кои се на дводневниот самит во Брисел.

„Вредностите се во срцето на европскиот проект и затоа ќе имаме дебата на оваа тема вечерва за време на вечерата“, рече Мишел при доаѓањето на самитот.

Орбан рече дека овој закон не е на дневен ред на дводневниот самит на ЕУ во Брисел, но додаде и дека е подготвен да разговара за овој закон со сите што ја почитуваат Унгарија, вклучувајќи ја и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајан .

Протест и на натпревар

Протестот се пресели и на фудбалските терени. Во пресрет на натпреварот Германија – Унгарија во групната фаза на Европското првенство во фудбал, градоначалникот на Минхен сакаше стадионот „Алијанц Арена“ да блесне во боите на виножитото, како знак на солидарност со членовите на ЛГБТИ заедницата. Унгарците се побунија, а УЕФА, водечкото тело на европскиот фудбал, ја запре таквата идеја.

Сепак, навивачите не застанаа. Еден од нив истрча на теренот на Алијанц Арената за време на мечот Германија-Унгарија на Европското првенство во фудбал, веејќи големо знаме на виножитото. Младиот човек кој истрча на теренот за време на интонирањето на унгарската химна, стигна зад двете екипи и претрча покрај редиците играчи пред обезбедувањето да го совлада и да го извади од теренот.

Зошто Орбан го прави сето ова?

Прашањето што се поставува е зошто Виктор Орбан повторно се расправа со Европа, затоа што тој дури ризикува и законски мерки што ги најави фон дер Лајан. Одговорот веројатно лежи во парламентарните избори во Унгарија, кои ќе се одржат во 2022 година.

Следните парламентарни избори во Унгарија во април 2022 година ќе бидат голем тест за Орбан, кој е премиер од 2010 година и победи на три национални избори по ред.

„Мислам дека Орбан сака да го сврти вниманието од разни проблеми со новиот закон. Од друга страна, тој исто така изгуби теми. На пример, веќе не можете да ги мобилизирате масите зборувајќи за опасностите од миграцијата, бидејќи бегалци речиси и да нема. Затоа Орбан сега превзема тема како што е родовиот идентитет, каде што намерно се замаглени границите меѓу јавните и приватните прашања “, изјави за ДВ, унгарскиот политички научник Андраш Бозоки од Централниотевропски универзитет (ЦЕУ) во Виена.

Со новиот закон, Орбан не сака само да се врати во офанзива, смета Бозоки. Тој вели дека се работи и за поделба на опозицијата.

Всушност, законот ја става здружената опозиција во првото големо искушение: кон крајот на минатата година, шесте најголеми опозициски партии во Унгарија одлучија да учествуваат на следните избори со заедничка листа и заедничка основна програма – затоа што само така ќе имаат шанса со сегашните изборни услови во борбата против Орбановиот Фидес.

Орбан сега, како што рече Бозоки, успеа повторно да ги подели.

„Тоа е лоша вест за опозицијата“, рече тој.

 

Слични содржини