ГО ПРЕКИНА МОЛЧЕЊЕТО: Адел призна дали е во врска со раперот Скепта!

од Stefanija Kuzmanovska

Откако се разведе од сопругот Сајмон минатата година, 33-годишната британска пејачка Адел често се дружеше со  раперот Скепта, па се појавија многу гласини дека двајцата се во врска. Сепак, сопственичката на бројни хитови сега стави крај на шпекулациите и призна дали има нешто повеќе од пријателство помеѓу неа и раперот.

Списанието „Пипл“ неодамна напиша дека Адел и Скепта добро се забавуваат додека трае нејзиното емотивно закрепнување од разводот.

– Работите се вжештуваат меѓу нив. Адел навистина ужива да се дружи со него. Покрај тоа, тие се движат меѓу истите кругови на луѓе, им рекол добро информиран извор во тоа време.

Сепак, во последниот пост на Инстаграм, во кој го коментираше нејзиниот дебитантски настап како водител, пејачката објасни како всушност стојат работите.

– Убаво си поминав на SNL! Благодарност до најубавиот тим, сценаристи и продуценти. Настапував од чиста љубов и се надевам дека уживавте и вие. Среќно со претседателските избори во Америка, многу ве сакам. Среќен ден на Вештерките! Сега се враќам во мојата куќа за (повторно) да бидам соло дама со мачки, што и сум, напиша таа и на тој начин ги разочара обожавателите кои навиваа за нивната врска.

Да потсетиме, Адел и Скепта имаат многу заедничко. Двајцата пораснаа во Тотенхем, Велика Британија и двајцата се самохрани родители. Адел од бракот со Сајмон има седумгодишен син Анџело, а раперот пред две години ја доби ќерката Ривер со својата поранешна девојка.

Слични содржини