Го штити срцето, го намалува ризикот од дијабетес и деменција: Диета која има многу придобивки

од Vladimir Zorba

Петта година по ред, медитеранската исхрана беше првата што ја „мина целта“ на годишната трка за најдобра програма за исхрана, според проценките објавени од US News & World Report.

На второ место се најде DASH диетата која се карактеризира со намален внес на сол, додека третото место го зазеде флекситарната диета која најчесто вклучува вегетаријанска исхрана, но е доволно флексибилна за одвреме-навреме да се „касне“ и бургер.

Сите три диети вклучуваат намалување или елиминирање на преработената храна и зголемување на внесот на овошје, зеленчук, мешунки, цели зрна, јаткасти плодови и семки.

„Мислам дека е важно да се напомене дека сите три најпопуларни диети – медитеранска, DASH и флекситарната – нудат разновидност, флексибилност и неколку правила“, рече Гретел Шулер, извршен уредник за здравје во US News & World Report.

– Сите диети кои имаат добри резултати се безбедни, разумни и поддржани од науката. Овие диети, кои се прогласени за најдобри, обезбедуваат и соодветни калории со фокус на зеленчук, овошје и цели зрна, скромна количина на протеини со малку маснотии, млечни производи и повремени десерти – додаде таа.

Панел од 27 експерти испитуваше 40 диети и ги рангираше во неколку категории: колку е лесно да се следи диета, колку е веројатно дека човекот значително ќе изгуби тежина, и на краток и на долг рок; колку диетата е ефикасна во превенцијата од кардиоваскуларни болести или дијабетес и хранлива комплетност на исхраната.

– Општо земено, врвните режими на исхрана се водат од тоа што можете да јадете, а не од тоа што не можете да јадете. И токму сега – во овие стресни времиња на пандемијата – тоа е особено корисно за луѓето – рече Шулер.

Таа нагласи дека сакаме храна во која ќе уживаме, а која ќе го одржува нашето здравје, а можеби и ќе ни го зајакне имунитетот. Истакна и дека најдобро рангираните диети тоа го нудат.

Покрај вкупното прво место, медитеранската диета го освои првото место како најлесна диета за следење, најдобра за здрава исхрана, најдобра за дијабетес и најдобра диета базирана на овошје и зеленчук.

Бројни студии покажаа дека медитеранската исхрана може да го намали ризикот од дијабетес, висок холестерол, деменција, губење на меморијата, депресија и рак на дојка. Оваа диета е поврзана и со поцврсти коски, поздраво срце и подолг живот.

Медитеранската исхрана вклучува едноставни оброци од растителна основа, при што најголемиот дел од секој оброк се базира на овошје, зеленчук, цели зрна, мешунки и семки, со јаткасти плодови и силен акцент на екстра девственото маслиново масло.

Слични содржини